Смената на началникот на пазарниот инспекторат во Струга, деградацијата на пазарните инспектори во референти, вработувањата на кадри од ВМРО – ДПМНЕ во СВР Струга, скратените финансиски средства од блок дотациите за струшките средни училишта од над 62.000 евра, се само дел од аргументите кои имаат за цел, Струга да биде избришана од инвестициската мапа на Владата. Вака денес обвинија од политичката партија на Движењето за реформи на ДПА.
На Струга и се случува институционално деградирање и пренесување на институционалните ингеренции од Струга во Охрид. На ова денес реагираа од Движењето на реформи на ДПА од Струга. Како што нагласи претседателот на оваа политичка опција Сурија Рашити оваа појава ги вознемирува граѓаните на Струга и посочи каде тоа најмногу доаѓа до израз.
„Последно време сме сведоци на вработувања без никаков критериум и без конкурс на активисти на ВМРО – ДПМНЕ во МВР Струга. Нашите информации зборуваат за 5 такви вработувања. Со одлука на дирекцијата на Пазарна инспекција се разрешува началникот на овој инспекторат во Струга, кадар албанец, и се именува кадар од ВМРО во Охрид и заедно со тоа и соодветната ингеренција се преселува во Охрид, додека пазарните инспектори од Струга се деградираат на ниво на референти“ – изјави Рашити.
Како што пренесе Рашити, посебно се фрапирани од намалувањето на средствата од блок дотациите во струшките средни училишта. Тој смета дека тоа ќе има сериозни последици за нормалното функционирање на средното образование во Струга.
„Според сигурни информаци, во предлог буџетот за 2016 год, предвидени се скратени финансиски средства од блок дотации за средните училишта во општина Струга за над 62 илјади евра, или поточно за 3 845 000 денари. На пленарната седница каде што се предлагаа амандмани за предлог буџетот, албанските пратеници од ДУИ, не само што не реагираа, туку преќутно дозволија усвојување на ова скандалозно скратување“– обвинува Рашити.
Рашити вели дека не можат да останат глуви на милионското инвестирање во здравствената инфраструктура во Охрид. На стружани уште во 2007 година им била ветена инвестиција од 2 милиони евра за нова зграда и апаратура во струшкото здравство, а од тоа, освен реновирање на гинеколошкото одделение, ништо друго не било направено. Пациентите од Струга биле приморани за томографско снимање да патуваат во Охрид, бидејќи во струшката болница нема ниту еден томограф. Рашити категоричен дека сите изнесени аргументи го покажувале лицето на ова владеење, кое имало за цел Струга да се избрише од инвестициската мапа, како и за улогата на албанците во ова владеење.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град