Во Струга најзастапено психичкото насилство

Жените сеуште се на врвот на листата, жртви на семејно насилство. Во Струга, според изјавата на претседателката на Невладината Организација „Езерка“, најзастапено е психичкото насилство, па физичкото, сексуалното и на крај економското. Од таму покажуваат загриженост за појавата на фемицит, односно кога жртвата завршува со убиство.

 |  Николоска Биљана  | 

Психичкото е најзастапено врз жртвите на семејно насилство во Струга. Податоците кои ги пренесува Александра Лазареска од НВО Езерка Струга покажуваат дека за 2016 година на национално ниво бројот на пријави на жртви на семејно насилство изнесува 1.100. Денес во Струга се одржа работилница на тема „Родово, базирано и семејно насилство врз жените“.

„Во изминативе три години жените се повеќе зборуваат за семејното насилство, не се повеќе потиштени како порано да се срамат да кажат дека се жртви на психичко или физичко семејно насилство“

Лазареска открива дека во последно време како невладин сектор загрижени се за фемицитот кој како појава се повеќе била застапена. Таа смета дека можеби релевантните институции треба посериозно да пристапат кон спроведување на Законот за семејно насилство и да не ги занемаруваат и најмалите пријави на појава на насилство од било кој вид.

„Има се поголем број на жени кои завршуваат со убиство, во случаи кога жртвите биле упатени до полиција повеќе пати, но за жал семејното насилство е завршено со убиство, како што беше трикратното убиство во Куманово“

За жал, во Македонија, многу од жртвите на семејно насилство не можат да бидат заштитени. Причина за тоа е проблемот што во нашата земја има само 5 прифатилишта во кои се пријавуваат и згрижуваат жртвите. Тие прифатилишта имаат мал капацитет на легла и таму законски жртвите на семејно насилство можат да престојуваат од 24 до 48 часа. Лазареска кажа дека во моментов функционираат три национални СОС линии од кои едната е Националниот Совет за родова рамноправност и бројот 141 700 е бесплатен. Инаку, проектот „Родово, базирано и семејно насилство врз жените“ е поддржан од ЦИВИКА Мобилитас.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top