Денес е Мала Богородица или Рождество на Пресвета Богородица, мајката на сите мајки. На овој ден река од народ доаѓа во Калишта и старо и младо, и православни и муслимани. Во манастирот верниците се поклонуваат пред единствената икона т.н Црна Богородица.
Православните верници денес го одбележуваат Рождеството на Пресвета Богородица. Во манастирскиот комплекс во селото Калишта струшко се наоѓа единствената икона т.н. Црна Богородица која на овој ден е масовно посетена. Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што се молеле пред нејзините икони за да добијат пород. И денес ако го посетите овој манастир ќе се сретнете со луѓе кои сведочат дека оваа светица ги услишала нивните молитви. Така ние денес слушнавме за близнаците Марија и Марио.
„Господ здравје да ни даде. Запаливме свеќа за дечиња, за ќерка ми запалив бидејќи не е тука, и за внуците синот тука е, да поможи на секому.
Секоја година доаѓаме тука. Пред некоја година синот тука идејќи наваму направи судар. 20 години немавме дечиња на син ми дури сега пред три години ни даде Господ. Господ насекаде да дава и каде што има деца и каде што нема“.
Манастирскиот комплекс Св. Богородица во Калишта е резиденцијален на врвот на МПЦ. Тој се состои од црквата Св. Богородица, црквата Св. Петар и Павле, и две пештерски на Св. Богородица и Св. Атанасиј.
Една од причините е што верниците доаѓаат во голем број е да се поклонат пред иконата на Св. Богородица, кај народот позната како Црна Богородица. За неа стручњаците сметаат дека е нацртана во 14 век, заедно со старата црква, на чии темели е подигната и обновена црквата Св. Богородица. Оваа икона е многу ретка, бидејќи Богородица и малиот Исус се насликани со црна боја. Многу верници ја посетуваат оваа црква токму поради иконата и верувањето дека има лековита моќ. Освен православните, црквата и иконата ја посетуваат и пред нив се поклонуваат и муслиманите. Тие имаат голема почит за овој ден, палат свеќи оставаат пари пред иконата и се надеваат за помош. Овој празник се вбројува во 36 големи празници во црковниот календар обележани со црвени букви. Родителите на Пресвета Богородица Јоаким и Ана живееле во Назарет, а ќерката Марија ја добиле во постари години, после пет децении брак.
Празникот на раѓањето на Марија е на 21 септември, но не е познато, од кога се слави и одбележува.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град