Отпадот во Струга оди под земја

Во соседна Струга за прв пат воведен е модерен начин на управување со отпад, со изградба на подземен контејнер, во централното градско подрачје. Носител на проектот е Центарот за Развој на Југозападниот плански регион, од каде најавија дека до крај на месец март годинава, подземен контејнер ќе добие и општина Охрид.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Стружани отпадот од неодамна го фрлаат под земја. Струга, доби подземен контејнер, како дел од реализација на проект од Центарот за Развој на Југозападниот плански регион. Ваков контејнер за прв пат се употребува во општина Струга а се наоѓа во централното градско јадро на самиот агол од плоштадот кај споменикот на револуцијата.  Директорката на ЈПР Мирјана Лозаноска нагласи дека  со поставувањето на ваквиот контејнер  ќе се придонесе за осовременување на системот за складирање и подигање на комуналниот отпад и за подобрување на јавната хигиена во градот.

„Три контејнери се поставени во таа платформа од 1, 1 метри кубни и адаптирани се за да можат камионите да ги подигаат и празнат. Исто така предвидено е селекција на отпадот, значи три различни пунктови се и на лица место се селектира отпадот. Беа поставени во минатата година ефекти има сега но особено очекуваме во текот на туристичката сезона да бидат уште повидливи, бидејќи знаете дека генерираниот отпад во сезона е многу поголем отколку во овој период вон сезона“.

Лозаноска истакна дека со ваквиот начин на одлагање отпад, избегнуваме да гледаме ѓубриште, да ја чуствуваме непријатната миризба, а се намалува и трошокот на јавните комунални претпријатија кои пак помалку ќе треба да подигаат отпад посебно во летниот период. Лозаноска обелодени дека набрзо и општина Охрид ќе добие подземен контејнер.

„Втора фаза, која што веќе е започната тендерската постапка е завршена и за многу брзо време во Охрид ќе поставуваме платформа со подземни контејери со многу поголем капацитет од по 3 по 3 метри кубни. Во моментов се работи на одредување на локација во општина Охрид и треба да се подготви истата и некаде до крајот на март очекуваме дека ќе биде поставена и во општина Охрид и Кичево, исто така ќе ги адаптираме нивните камиони за да можат да ги празнат овие контејнери“ – истакна Лозаноска.

Проектот за поставување подземни контејнери ќе ја измени сликата на градот и општините добиваат модерен начин на управување со отпад, а со тоа и поголема хигиена. Ќе нема непријатна миризба и нема да има расфрлање ѓубре. Инаку за реализација на овој регионален проект се одвоени средства во висина од 30 000 евра за подземните контејнери во Струга и Дебар, додека пак за Охрид и Кичево 40 000 евра.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top