На операција во Струга

Проблемите во здравството во охридско-струшкиот регион испливаа на површина. Се повеќе пациенти од Охрид се оперираат на хируршкото одделение во Струга. Потребен е сериозен пристап во откривањето на причините за ваквата состојба.

 |  Билјана Николовска  | 
JZU
ЈЗУ

Medicinski centar StrugaОхридски пациенти се почесто го посетуваат одделението за хирургија во Струга. Само минатата година на ова одделение во Струга биле извршени 150 класични оперативни интервенции врз пациенти од Охрид. Ваквата појава е уште поалармантна годинава, кога за само три месеци веќе 50 пациенти од Охрид се третирани во Струга. Ова се реални податоци кои ни ги даде првиот човек на Општа болница Струга, Ментор Ибраими. Ибраими вели
„досега ниту еден пациент кој се обратил кај нас не е вратен. Она што остава впечаток кај пациентите е одговорноста, довербата и квалитетно понудената услуга од страна на нашиот медицински персонал. Наспроти големиот интерес кај охриѓани да се лекуваат во Струга, занемарлив е интересот на стружани да се оперираат во Охрид“, додава Ибраими.
Директорот пак на ЈЗУ „Општа болница“ Охрид, Љубен Арнаудов, не беше запознаен со ваквата состојба. Рече дека од нас слуша за оваа тенденција кај дел од охридските пациенти. Арнаудов кажа дека на неговото одделение за хирургија има стручни лица, кои одговорно работат во интерес на корисниците на услугите. Но, самиот факт што не е мал бројот на пациентите кои се одлеваат во Струга, покажува дека проблем постои, а сеуште нема никакви индиции од страна на раководството на Општа болница тој да се лоцира и да се пристапи кон негово решавање. Можен недостаток е непостоењето законски нормативи, односно недефинирањето на минимално потребни годишни интервенции кои ќе ги изведе еден доктор. Меѓутоа искористеноста на хируршките сали на ова одделение при Општа болница Охрид од само 40 посто би требало да е показател за раководството, дека ова одделение не работи ефективно, велат извори за ТВМ од ЈЗУ Општа болница.  
Директорот Арнаудов не е запознаен ниту со она што е јавна тајна во Охрид, дека дел од медицинскиот персонал бара поткуп од пациентите за одредена услуга или оперативен зафат. На тој начин медицинарите го изразуваат својот револт од ниските месечни примања.
Доколку има незадоволство кај пациентите од односот на вработените и квалитетот на здравствената услуга, Арнаудов вели дека тој лично треба да биде запознаен и ги повикува пациентите да се обратат до него за да може соодветно да делува.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top