Онлајн настава во средните училишта во Струга

Започна онлајн настава во средните училишта во Струга. Основните училишта стартуваа со настава со физичко присуство. Според одлуката на владата онлајн настава во струшките училишта ќе се следи само првите седум денови.

 |   | 

Во средните училишта во Струга денес започна онлајн настава. Комисијата за заразни болести, прифати дел од барањата на кризниот штаб, но дел ги одби. Онлајн настава е дозволена само во првите 7 дена во средните училишта, а основните училишта започнаа со настава со физичко присуство.

Во средното стручно училиште „Нико Нестор” за 1400 ученици на два наставни јазици македонски и албански, наставата се одвива онлајн, освен практичниот дел која задолжително е со физичко присуство.

Денес наставата во училиштето Нико Нестор Струга започна онлајн и функционира беспрекорно, покрај тоа што доцна ја добивме информацијата дека наставата во наредните 7 дена ќе се одвива онлајн сепак одговоривме на сите предизвици и денес наставата фунцкионира беспрекорно онлајн – вели Кети Јанкоска директор на Нико Нестор.

Иста е состојбата и во струшката гимназија, наставата ќе се одвива онлајн, но велат подготвени се и за образовен процес со физичко присуство.

Денес учениците дојдоа, само неколку минути класен час одржаа, ги подигнаа учебниците и си заминаа, секако почитувајќи ги сите мерки според протоколот. Од утре започнуваме со онлајн настава – вели Бесиме Јонузи директор на  гимназијата „Ибраим Темо” Струга.

Според вчерашната одлука на владата, донесена по предлогот на Кризните штабови поради лошата епидемиолошка слика, предвидена е онлајн настава во средните училишта во Тетово и Гостивар во траење од две недели, додека во Струга и Кичево само во првите седум дена.

Како ќе се одвива натамошниот образовен процес во овие четири општини ќе се чека следна одлука од Владата.

 

 

Новинар – Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top