Урбанизацијата, односно, негативните влијанија на човекот се најголемите демони на Охридското Езеро. Потребна е координација помеѓу научниците, експертите, јавноста и политичарите, ако сакаме да ги зачуваме сите природни реткости, кои за среќа сеуште ги има во Охридското Езеро, сметаат експертите по екологија од охридско-струшкиот регион.
Најголемиот проблем со кој се соочува Охридското Езеро е урбанизацијата, којашто навлегува во природните реткости кои се строго заштитени, нагласуваат екологистите од охридско – струшкиот регион. Вчера во организација на Центарот на заедницата Струга се одржа панел дискусија на тема „Охридскот Езеро и неговите демони“. Како што нагласи Дејан Паноски, екологистите сметаат дека сите автохтони работи, трската, блатото, езерската линија и целиот жив свет треба да се сочуваат.
„Политиката на туризмот во овој регион треба да се концентрира токму на искористувањето на природните богатства и реткости. Се она што ќе го идентификуваме како проблем или како демони за Охридското езеро доаѓа од несинхронизираноста, некоординација помеѓу институциите и некомуникација односно непоставениот консензус, помеѓу науката, експертизата, јавноста, политиката, кои што заеднички треба да седнат на маса да ги отворат сите аргументи и на тој начин да донесат квалитетни одлуки“ – нагласи Паноски.
Најголемиот демон кој му се заканува на Охридското Езеро е човекот со неговите негативни влијанија смета д-р Трајче Талевски, научен советник од Хидробиолошки Завод Охрид. Тој посебно се осврна на сечењето и палењето на трската што има голем негативен ефект врз квалитетот на езерската вода и животинскиот свет во езерото.
„Појасот на трска е еден од најголемите места каде што се мрести крапот и останатите ципровидни риби. Самото уништување на трската значи намалување на популацијата на крапот. Исто така трската како растение има позитивно влијание на квалитетот на водата со тоа што таа со своите органи ги влече и од подлогата и од водата сите штетни влијание кои се наоѓаат во водата“– изјави проф Талевски.
Здрав живот значи, чиста вода, воздух и почва, нагласи дипломираниот инженер по технички науки Ресми Зиба. Неговото размислување е дека реката Сатеска под итно треба да се врати во старото корито за да се спречи загадувањето на Охридското езеро кое доаѓа преку неа.
„Сите реки кои гравитираат во сливното подрачје на езерото треба да се прочистуваат или да се преземе нешто да не го загадуваат езерото. Сатеска е еден природен феномен што треба сериозно да се позанимаваме од научен, стручен и еколошки аспект. На сите ни е познато зошто истата е изградена во 60 сетите години, да послужи езерото како акумулација додека се изгради хидроцентралата во Глабочица“ – вели Зиба.
Панел дискусијата „Охридското Езеро и неговите демони“ предизвика големо внимание и кај посетителите на струшката плажа Галеб кои ги имаше во голем број. И тие дадоа свои забелешки, сугестии, а поставуваа и интересни прашања. Заклучокот на сите беше дека час поскоро сите чинители во општествениот живот од двете страни на Охридското Езеро, треба сериозно да пристапат кон поголема заштита на ова природно богатство.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град