На последната седница на Советот на општина Струга пред советниците беше ставена нацрт верзијата на новиот статут кој предвидува албанскиот јазик да стане официјален. Струга е единствената општина во земјава која работи со стар статут и без деловник за работа.
Официјализација на албанскиот јазик се предвидува во новата нацрт верзија на статут на општина Струга. На последната седница на струшкиот совет нацрт статутот беше ставен на гласање, што предизвика полемика помеѓу коалиционите партнери ДУИ и СДСМ. Од советничката група на СДСМ не потврдуваат дали ќе ја поддржат новата верзија.
„Како советничка група ќе ја почекаме јавната расправа која е предвидена согласно законските прописи. Ќе имаме и свои мислења и предлози, во моментот кога ќе се отвори расправа и на седница на совет при донесување на предлог законот СДСМ ќе ги земе во предвид сите законски прописи“ – вели советничката Николина Велкоска Глигороска.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко рече дека донесувањето на новиот статут како акт на општината е повеќе од неопходно и од тоа не треба да се прави политика.
„Не треба сега да проблематзираме нешто што не вреди. Статутот регулира многу состојби вон работата на советот на општина Струга, на администрацијата. Јазиците не се веќе пречка за политички препукувања. Тие се со закон предвидени и тоа ние ќе го имплементираме“ – истакна Мерко.
Ален Деребан советникот од ВМРО-ДПМНЕ пак вели дека ако ваквиот предлог-статут биде изгласан, тие повторно ќе го обжалат до Уставниот суд.
„Со него мнозинството во советот составен од ДУИ и СДСМ и советникот Илија Пејоски се сака да се воведе бинационалност и двојазичност во Струга. Ќе поднесеме претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа и до Уставниот суд на Македонија“.
Според новиот предлог на статутот, албанскиот јазик се изедначува со македонскиот во Струга, нешто што пред неколку години падна на Уставен суд, откако беше обжален од струшкиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ. Во постоечкиот статут кој е од 2002 година се вели дека службен јазик во општина Струга е македонскиот и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од жителите на општината, но никаде не се споменува терминот „албански“
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град