Kривична пријава за палење трски и насипување шут во Охридското Езеро во струшко поднесе државниот инспекторат за животна средина.
Државниот инспекторат за животна средина активно соработува со Одделението за внатрешни работи (ОВР) Струга во откривање и санкционирање на уништувањето на природното наследство на струшкото крајбрежје.
Во заедничка координација, во март оваа година, обезбедија докази против лице што ангажирало градежна механизација за насипување и рамнење на дел од крајбрежјето со шут и земја. На локацијата исто така биле забележани и траги од опожарена трска. Овие активности резултираат со недозволена крајбрежна трансформација и уништување на пределот, за што е подготвена кривична пријава.
Пријавата Државниот инспекторат за животна средина денес ја поднесол до надлежното Јавно обвинителство.
Правниот основ на тужбата е членот 230 од Кривичниот законик “Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи”, според кој може да се изрече казна затвор од три месеци до три години, објаснуваат од инспекторатот.
Оттаму порачуваат дека нема да дозволат загадување на животната средина, особено во регион кој е впишан на листата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град