Конечно крај на прекинатата четириесетта седница на советот на општина Струга.
Заврши и четириесеттата седница на советот на општина Струга. Седницата која минатата недела беше прекината, овој пат струшките советници ја истуркаа до крај. Само за потсетување, минатата среда оваа седница заглави на деветтата точка од дневниот ред која се однесуваше на работењето на нелегалните паралелки во струшкото село Подгорци. По обемната дискусија, седницата беше одложена за денес.
Оваа среда пак без никаква дискусија советниците веднаш поминаа на гласање. Со 13 гласа ЗА, 10 ПРОТИВ и еден воздржан беше дадено зелено светло за оваа точка во која се бараше наместо директорот на ОУ „Гоце Делчев“ од Подгорци, сведителствата на нелегалната албанска паралелка да ги потпише директорот на ОУ „Мурат Лабуништи“ од Лабуништа.
Иако кратко, ова продолжение на четириесеттата седница понуди пообемна дискусија за предлог одлуката за преструктуирање на ЈП Комунално од Струга. Директорот на претпријатието, Петко Кутаноски понуди две варијанти. Во едната дел од вработените во претпријатието ќе бидат пренасочени на други работни места пред се во градската капела, пајак-службата, градската депонија, како и во паркови и зеленило.
„Втората варијанта која би се применувала во текот на Септември е варијантата доколку на ваков начин претпријатието не ги обезбеди средствата за тековно работење, да се оди на ситуација на линеарно намалување на платите. Како што неколку пати нагласив ние сме јавно претпријатие трето во земјава по висина на плати. Претпријатието би функционирало екстремно добро, доволно е да ги спуштиме платите на висина на платите од МЈП Проаква. Земаме 20-30% повисоки плати од нив. За да според нашите анализи и анализите на стручните служби до Нова година претпријатието би немало никакви проблеми со ликвидноста.“-вели директорот на ЈП Комунално-Струга, Петко Кутаноски.
Во полезноста од преструктуирањето се посомнева советникот од редовите на СДСМ, Илија Мацески. Тој на Кутаноски му порача најпрво во програмата да бидат предвидени крајните резултати, со цел да се има претстава каков бенефит би имало претпријатието од ваквите измени.
„Ми се чини дека после три години закаснувате со една ваква програма која што ја носите сега на советот. Вие како директор можеби требаше многу порано да донесете ваква програма односно санациона програма со оглед дека ги видовте какви се состојбите уште кога дојдовте во претпријатието, меѓутоа тоа не го направивте, напротив, вработените и натаму останаа незадоволни со обврските поради неисплатени плати поради кои во еден период имаше застој во работењето или да не речам штрајк на вработените.“-изјави советникот од СДСМ, Илија Мацески.
Мацески дополни дека проблемот со платите и натаму не е решен, а Кутаноски пак одговара дека веќе поделиле по 6000 денари и ги платиле придонесите со што им останувале уште 8 неисплатени разлики од плати. За оваа сума, Кутаноски си повика пријател-уште еднаш побара од советот на општина Струга и градоначалникот Рамиз Мерко да определат средства за да ги подмири овие плати. Останува само нејасно до кога ЈП Комунално од Струга ќе пали само на туркање. На предлог на советничката од редовите на ДУИ, Елвадина Дика, гласањето по оваа точка се одложи за некоја наредна седница. До крајот на седницата, беше изгласана и последната 11та точка за програмaта за работа на ЈП Делогожда.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град