Денес на меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром, на еден иновативен и интересен начин се подигнуваше јавната свест за оваа состојба, годинава под мотото „Мои пријатели, мое општество“.
Разбирање наместо предрасуди, прифаќање наместо сожалување и создавање на заедничко општество, градење на заедничка иднина. Ова е Игор Шајноски. Тој има 27 години и нема никаков недостаток, напротив тој има нешто плус, нешто повеќе. Тој има три генетски копии на 21от хромозом, наместо вообичаените две. Со оваа генетска мутација, Игор е носител на Дауновиот синдром. Но тука завршуваат сите разлики. Игор секое утро се буди во 6 часот и 30 минути, за веќе во 7 часот да тргне од родното Радожда до Струга, за оттука да се качи на службеното комбе кое ќе го однесе во фабриката „Ѓоршулески компани“, некаде помеѓу Мороишта и Дрслајца. Таму Игор, како и сите негови колеги, чесно си заработува за живот. Вели дека зема убава плата, со колегите убаво си поминува, често знаат да се пошегуваат, па некогаш и да се потскараат, ама сеедно, тој ужива во работата.
„Отпочеток ми беше малку тешко, ама лека-полека се навикнав на работата, убаво ми оди, работам колку што можам, лепам на лепилицата картони. Работам колку што можам тоа е мојата работа. Тоа ме прави мене многу убаво да се чувствувам, горд сум, исполнет сум многу и така се трудам да работам.“-вели Игор Шајноски, лице со Даунов синдром.
Игор е само еден од осумтемина штитеници вработени во „Ѓоршулески компани“, компанија со 33ца вработени, во која, од 2006та година се произведува картонска амбалажа. Управителот Никола Ѓоршулески вели дека за нив е гордост што и Игор и останатите работници си го пронашле своето место во фирмата.
„Ние сме доста позитивно изненадени што Игор си беше доста социјализиран од неговото појавување и барање на работга кај нас со самиот разговор што го направивме кај нас воопшто не се двоумевме дали ќе може да се социјализира или не. Тој уште од првите моменти на давање на обврски од нашата фирма тој беспрекорно ги извршуваше, и ги извршува до ден денес. Со послушност, со одговорност, со тоа што е вработен во нашата компанија се чувствува храбар, горд дека нешто постигнува.“-рече Никола Ѓоршулески, управител на „Ѓоршулески компани“.
Денес е меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром. Дневниот центар „Порака нова“ од Струга организираше интересен настан за да ја подигне свеста за оваа генетска состојба.
„Имаме планирано да започнеме од организацијата „Порака нова“ низ градот, низ чаршијата, каде што лицата кои го посетуваат дневниот центар, ќе делат флаери на случајни минувачи со цел да бидат забележани и прифатени како дел од заедницата. Исто така ќе се делат и капсули на кои што ќе има одредени пораки со што ќе се скрене вниманието дека тоа е всушност едно генетско пореметување кое што им дава на овие лица одредени посебни способности, а не недостатоци како што е општо прифатено во општеството.“-изјави претседателката на дневниот центар „Порака нова“, Соња Маџоска.
Дауновиот синдром е всушност пореметување во генетскиот материјал, каде наместо вообичаените две копии од 21от хромозом, лицата со Даунов синдром имаат три вакви копии, поради што често овој синдром се нарекува и Трисомија 21. Синдромот, наспроти вообичаеното мислење во општеството не е болест, туку станува збор за состојба која не е излечива. Името го добила по британскиот доктор Џон Ленгдон Даун кој целосно ја опишал оваа состојба во 1866та година. Причините за настанување на Дауновиот синдром биле откриени од група француски научници во 1959та година. 21Ви март симболично поради пореметувањето на 21от хромозом од 2005та година се одбележува како меѓународен ден на лицата со Даунов синдром.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град