Матурантите на Јахја Кемал со бојни награди се збогуваа од колеџот

Со огномет и традиционалното фрлање на капи матурантите од приватниот колеџ Јахја Кемал, се збогуваа со училиштето. На свеченоста учениците изведоа богата мултикултурна уметничка програма на македонски, албански и турски јазик. Најдобрите беа пофалени и наградени. Завршната свеченост се одржа синоќа во Домот на културата во Струга, каде присуствуваа родители, бројни гости, претставници на училиштето и локалните самоуправи на Струга и Охрид, меѓу кои беше и градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески.

 |  Николоска Биљана  | 

Со пригодна свеченост 66 матуранти од приватниот колеџ „Јахја Кемал“, Струга, синоќа ги добија своите дипломи. Ова е 11 генерација на завршени средношколци кои во текот на четиригодишното школување зад себе оставиле многу убави моменти, пред се квалитетно образование, дружба, игри, но и големи успеси на државни и меѓународни натпревари. Своето задоволство не го криеја матурантите. Тие веќе имаат свои размислувања каде понатаму ќе го продолжат своето образование, а пофални зборови упатија и за колеџот Јахја Кемал.

„Прекрасно, многу добар колеџ беше, сметам дека се разликува од државното школство, пред се сакам да ја истакнам големата помош која ја добивавме од наставниот кадар и прекрасните услови во интернатот каде што престојувам.
Супер се, бидејќи нашето школо е етничко, убаво се дружевме со децата од сите етникуми.
Овие 4 години беа најубавите во мојот живот и среќна сум што ја имав таа привилегија да учам во елитното училиште Јахја Кемал.
Научив како да се однесувам со луѓето и има професори кои ми го променија мојот живот“ – велат матурантите.

Како што е познато колеџот „Јахја Кемал“ има многу поволности и попусти посебно за талентираните ученици. Тоа во суштина претставува мотив плус не само за децата кои учат во оваа образовна установа, туку и за родителите.

„Задоволството е непроценето, презадоволни овие 4 години поминаа многу брзо, нашиот син 4 години е во Струга, со високи резултати и на наше големо задоволство сепак пресреќни сме и дојдени сме тука на прославата. Пресудно беше неговото знаење како првенец тој беше и со стипендија, беше 5 ти избран од 100 те деца на испитот, на полагањата така што имавме поволности да добиеме стипендија 70 %.
Јас сум горда мајка на дете кое што учеше во Јахја Кемал, и презадоволна сум од нивниот однос, учењето, децата стекнаа знаење и беа заштитени бидејќи знаев дека децат во тоа училиште се заштитени и нема да имаат проблеми.
Затоа што беше добар и талентиран ученик како првенец на генерација се запиша тука како стипендист на училиштето и премногу сме задоволни од условите од школувањето, од пристапот од односот на персоналот, од односот на вработените кон децата, родителите, навистина прекрасно училиште“ – велат родителите.

Доделувањето на дипломите е многу значаен и горделив ден за приватниот колеџ „Јахја Кемал“ кој својот пат во образованието во нашата земја почна да го трасира пред 20 години, вели Сурија Таук. Додава дека нивните ученици ги отвораат портите насекаде во светот, а имаат предност со тоа што каде што ќе го стават прстот на глобусот можат да студираат.

„Ние веќе со години ја имаме најдобрата оценка на државните матури, значи не е битно само запишување во светски рамки, туку важно е и нивото на знаење што го поседуваат децата тука“.

Учениците со постигнат успех на домашни и меѓународни натпревари, како и наставниот кадар на „Јахја Кемал“ на свеченоста беа пофалени и на најдобрите им беа врачени пригодни подароци. Првенци на генерација се охриѓанките Софија Димоска и Сања Симоновиќ од Охрид. Низ едно емотивно обраќање пред нивните сокласници и останатите присутни тие изразија благодарност до училиштето кое им овозможило да се здобијат со знаење и искуство кое во иднина ќе има каде да го применат. Нив признанијата им ги врачи градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој исто така се обрати до присутните, присетувајќи се на неговите школски денови пред триесеттина години. Бакрачески исто така ја истакна важноста на доброто образование, им посака да бидат мудри, да го искористат сето свое знаење кое го стекнале во училишните клупи и од нивните родители, и да го направат вистинскиот избор во понатамошниот тек на образованието.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top