Лабуништа од село со прекрасна природа и чист воздух, се претвори во село на каменоломи. Мештаните бараат затворање на сите каменоломи во нивното село, како и повлекување на концесиите за работа на истите. Тие стравуваат дека поради работата на каменоломите им се уништува здравјето, но и животната средина. Лабуништани велат дека дозволите за концесии на каменоломи се издавале без да биде прашано локалното население.
Прекрасната природа и чист воздух во Лабуништа струшко, се гуши во прашина од каменоломи. Како што за ТВМ изјавија жителите од ова село нивниот кошмар започнал пред две децении во 1997 година кога во радиус од еден километар никнале три каменоломи, а од пред извесно време со работа почнал уште еден. Лабуништани се гневни на надлежните посебно на Министерството за економија, кое издава дозволи за отворање на каменоломи. Абдула Ќазимоски жител на Лабуништа истакна дека не е добро на сметка по здравјето на 9000 илјади жители колку што има во нивното село, да се штитат бизнис интересите на 10тина поединци.
„Овие 4 каменоломи прават профит на сметка на здравјето на лабуништани, боровчани, подгорчани…соседни села кои што гравитираат на овој простор. Сакам да дадам еден апел, ова не сакам да добие политичка конотација бидејќи се работи за здравјето на граѓаните, мене ќе ми биде задоволство ако се направи еден иницијативен одбор или групација на граѓани кои ќе ја подржат оваа иницијатива се додека не се затворат сите каменоломи“.
Ќазимоски упати апел до ресорното министерство, пред да дадат дозвола за отварање на каменолом, да дојдат во Лабуништа да ја согледаат реалноста, бидејќи се работи за здравјето на 30 % од населението на општина Струга
„Ако мислат дека ние сме граѓани од втор ред тогаш ги молам сите министерства да не земаат данок од нас…да се откажат кога веќе прават штета од сите благодети кои ги користи од нас, не само централната туку и локалната власт. Упатувам уште еден апел до граѓаните на Лабуништа и до граѓаните околу струшка општина и Охрид, да не поддржат во нашиот проект да ги затвориме овие каменоломи и еден апел до министерствата кои што ги издале овие концесии на 30 години зависи кој како ги има земено да ги повлечат концесиите и нека му дадат друго место затоа што се во прашање животи“ – додава нашиот соговорник.
На мал простор имаме 3-4 каменоломи и уште неколку диви копачи. После неколку години тука ќе има населба и каменоломите ќе дојдат под темелите на куќите, рече претседателот на Месната заедница, Алија Тасими.
„Овој последниов каменолом е во непосредна близина на населеното место веќе сме во преговори со Министерството за економија кое издало дозволи…и многу е лесно да се издаде дозвола од канцеларија без да се види на лице место каде се наоѓа таа локација. Сега сме во преговори со локалните власти и со претседателот на Совет кој ни даде некои документи каде што уште не е завршен процесот на издавање на Б дозвола на општина Струга, и ние ќе се грижиме да го стопираме барем последниот каменолом“– нагласи Тасими.
Во близина на каменоломите се наоѓа и спортски терен. Пред неколку дена граѓаните на Лабуништа во знак на протест го блокира регионалниот патен правец Струга – Дебар и најавија дека ќе продолжат со протести, се додека надлежните не најдат слух за решавање на нивниот проблем со каменоломите.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град