Комплетно ќе се реновира третиот блок од струшкото средно општинско училиште „Нико Нестор“ во Струга. Такви се најавите на директорот Никола Затуроски, кој истакна дека во моментов во овој блок не се изведува настава, но наскоро истиот ќе биде вратен во функција на учениците.
Продолжуваат активностите околу реновирањето на Средното општинско училиште „Нико Нестор“ од Струга. Бројните градежни зафати кои менаџерскиот тим ги презеде последниве две години сосема го променија ликот на овој образовен центар, така што со право може да се каже дека денес наликува на современо училиште каде што полека но сигурно се обезбедуваат сите потребни услови за одвивање на наставно – образовниот процес. Првиот човек на ова струшко училиште Никола Затуроски, вели дека се гордее со се она што е досега постигнато, но не запира тука.
„Јас се наоѓам на година и пол пред завршување на мојот мандат и веќе се отпочнати постапки за комплетно уредување на зградата која ние ја нарекуваме трет блок. И веќе во моментов е подготовка на тендерска документација со која што ние ќе направиме комплетна реконструкција, менување на ПВЦ столарија, врати, подови, молерисување и сите пропратни работи за санирање на тој блок, не дека е толку лошо таму, сепак ние мора да интервенираме бидејќи се работи за доградба стара 35 години, која објективно е дотрајана и во овој момент таму не се изведува настава“
Само со домаќинско работење успеавме да постигнеме многу, забележува Затуроски. Тој тврди дека за две години во „Нико Нестор“ нема да постои нешто што нема да биде реконструирано. Училиштето го затекнал со долг од два милиони денари, а денес долгот на ова училиште бил нула.
„Буџетот на СОУ „Нико Нестор“ се состои од два аспекти, блок дотации од Министерство за образование и наука префрлени преку општина Струга и сопствен буџет. Блок дотациите во моментов тврдам дека се сосема доволни за да се извршуваат сите активности кои што ни се предвидени за училиштево и плус тоа да имаме во делот за реконструкција и одржување на згради имаме прилично добра сума за реализација во буџетската година. Но „Нико Нестор“ има и сопствен приход кој што се остварува врз основа на вонредно образование и тој приход го распределуваме точно за овие инфраструктурни проекти“
Според најавите на Затуроски, во периодов што претстои преостанало да биде направена фасада на јужната страна од училиштето некаде околу 600 квадрати, а исто така да биде препокриен делот каде што биле останати азбестните табли.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град