Срцевите заболувања и превенцијата од нив, актуелни деновиве.
Црвениот крст од Охрид во соработка со јога секцијата денес организира трибина на тема „јогата како превентива за срцевите заболувања“. Кардиоваскуларните болести за жал стануваат се почеста појава како последица на секојдневниот стрес, неактивниот спортски живот, нездравиот начин на исхрана и слично, вели Ванчо Тасески, професор по јога. Тој потенцира дека јогата е физичка активност која е погодна за сите возрасти. Преку неа телото без поголем физички напор се ослободува од сите состојки, кои се предизвикувачи на болестите. Целта со денешното предавање, кое почнува во 18:30, а завршува во 19:30 часот е да ја подигнеме свеста на граѓаните за превенција.
Јогата е исто така погодна и за рехабилитација, вели професорот по јога Тасески. Тој смета дека само преку превенција, преку здрав начин на живот и физички активности може да се делува да не дојде до срцеви заболувања. Тој вели дека во минатото бројот на кардиоваскуларни заболувања бил помал отколку денес.
И Д-р Светослав Маџаров, интернист специјалист кардиолог во поликлиниката Кардиолаб Маџаров, потврдува дека денешниот начин на живот доведува до зголемување на кардиоваскуларни заболувања. Стресот во комбинација со неактивен спортски живот ја влошува оваа состојба па затоа треба да се изнајде начин како да се подобри истата. Во тој контекст се спомнува и јогата. Исто така Д-р Маџаров вели дека старосната граница во последниве години е изместена и дека се помлади луѓе имаат проблеми со кардиоваскуларните заболувања.
Д-р Маџаров додава дека процентот на позитивни коронарни тестови кои се извеле минатата година е зголемен за околу 10-20%. И професорот по јога Тасески и Д-р Маџаров се согласни дека превенцијата е многу важна и додаваат дека јогата е многу делотворна физичка активност за срцевите болни. Научно е докажано дека физичката активност овозможува зајакнување на кардиоваскуларниот систем. Јогата е физичка активност која не бара многу напори, што ја прави идеална за превенција од срцевите заболувања.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град