Струга е град на мостовите, висечкиот, маларичниот, железничкиот и чаршискиот мост кои датираат од минатото, како и сегашните чаршискиот, мостот на магистралниот пат, дрвениот мост на устата на Црн Дрим, мостот на поезијата. Тие сеуште се симболи на градот кои ја поткрепуваат народната изрека „Како Струга нема друга“. Во моментов недостасува дрвениот мост на љубовта, кој беше демонтиран во 2011 година заради безбедносни причини, за кој пак градската власт на Струга ветува дека до крај на годината ќе биде повторно изграден.
Дрвениот мост, симболот на љубовта во Струга до крај на годинава ќе биде изграден. На истото место, каде што во моментов има само железна конструкција од некогашниот дрвен мост, ќе никне нов, современ и квалитетен мост. Такви се најавите на струшката локална власт. Мостот кој ги поврзува двата кеја на реката Црн Дрим и го скратува патот на мештаните од една до друга страна, стружани 5 години наназад го ставаат на приоритетна листа на проблеми кои треба да се решат во општината, вели Ресул Хани од секторот за урбанизам Струга.
„Овој мост еден ден мораше да се врати, што беше ветено од страна на градоначалникот и тоа ветување ќе стане реалност. Изготвен е идејниот проект, завршен целосно, во тек е изготвување на основниот проект за истиот,собираме понуди и до крај на годината ќе имаме слечен дрвен мост кој ќе биде ставен во функција“
Одговорниот на секторот за урбанизам, напоменува дека постапката трае подолго бидејќи материјалите кои треба да се набават не се од нашата земја. Хани додава дека постои голем интерес, има понуди, а за средствата и по која постапка ќе се изведуваат работите не откри детали. Според него највважно е да се добие квалитет, задоволни граѓани и се да биде согласно законските нормативи.
„Нормално….Во тек е изготвување на основниот проект со сите потребни фази, статика, ревизија на истиот, собираме понуди затоа што тоа е од ламинирано дрво, материјал кој не се произведува кај нас в Македонија истиот треба да се увези“
Хани потенцираше дека имале голема среќа што го пронашле професорот кој го проектирал првиот мост, оствариле контакт со него и во моментов него му била доверена обврската тој да го изработува основниот проект. Инаку во 2011 година дрвениот мост беше срушен под образложение дека истиот не е безбеден за минување. Според експертите пак, причина за пропаѓањето на мостот било неводењето грижа за негова заштита во изминатите години бидејки при изградбата на мостот пишувало дека два пати во годината мостот да се премачкува со емулзија. Тој мост бил изграден во 1987 година од фирмата Југодрво, со финансиска помош на тогашната централна власт.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град