Еко марш во Струга

Стопирање на сечата на дрва на природниот резерват Јабланица како и негово прогласување за Национален парк, побараа струшките екологисти на Светскиот ден за заштита на животната средина.  Со цел подигнување на еколошката свест кај локалното население и институциите стружани денес излегоа на еко марш.

 |  Николоска Биљана  | 

Триесеттина ентузијасти од Струга, љубители на природата денес организираа мирен еко марш. Тие јавно го подигнаа својот глас и укажаа на надлежните институци дека мора да излезат на терен да видат што се случува во природниот резерват Јабланица. Андреј Бандовски од планинарското еколошко друштво „Занкамен“, реагира дека долг период наназад упорно барале информации од надлежните за она што се случува на планината Јабланица, но од нив не добиле никаков одговор. Сите сознанија што ги имале за Јабланица биле од локалното население, додава тој.

„Целта на овој еко марш е да се подигне свеста на локалното население и институциите за последиците од нелегалната и неконтролирана сеча на планината Јабланица, крајно време е да се направи нешто од страна на надлежните институции, како и за нејзино прогласување за НП“ – укажува Бандоски.

Неколку години почнувајќи од 2009 год, Македонското еколошко друштво лобира Јабланица да се прогласи за НП, вели Јована Мојсоска, еко активистка од Струга.

„Делот на Јабланица кој се наоѓа во соседна Албанија, наречен Шебеник веќе е прогласен за НП, што укажува дека нашата соседна држава одавна ги согледала природните вредности на планината Јабланица. Токму со овој марш апелираме нашите институции да бидат поажурни и конечно Јабланица да добие статус на НП“ -нагласува Мојсоска.

Иницијативата за прогласување на Јабланица за Национален парк ја поддржаа и членовите на Регионалниот центар за спорт „Енхалон“ – Струга.

„Активен велосипедист сум, доста возиме по планиниве, и сметам дека конечно Јабланица заслужува да биде НП исо тоа да добиеме и повеќе велосипедски патеки, бидејќи има доста добри терен на Јабланица, а со тоа би привлекле и доста туристи“

Младите ги поддржа и со нив маршираше Мате Гогоски, од ЕД „Енхалон“. Тој вели состојбата со сечата на дрва на Јабланица е алармантна и апелираше доколку веднаш не се запре со тоа последиците можат да бидат огромни.

„Без шума нема живот, со секое пресечено дрво се сечи еден живот. Тоа луѓето не го сваќаат трчајќи во битката еднострано збогатување за лични потреби, што не е в ред. Дрвата не се само за огрев,  нивната вредност е многу поголема, даваат кислород, привлекуваат дождови, ги штитат терените од катастрофи, за огрев може да се користи и друго, кислород не може да се добие на индустриски начин “ – потенцира Гогоски.

На Светскиот ден на животната средина пораката е јасна, сите ние како граѓани имаме обврска да се грижиме и да ја штитиме животната средина не само за нас туку и за генерациите после нас, порачаа младите струшки екологисти. Исто така учесниците на еко маршот со пароли во рацете продефилираа низ улиците во Струга, а во центарот на градот беа изложени фотографии од еколошки активности и природни убавини на планината Јабланица.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top