Едриличарскиот клуб „Снегар“ во Струга доби комлетно нов објект

Откако објектот беше целосно уништен во пожар  Агенцијата за спорт и млади го возобнови и ги пушти во употреба новите простории во кои ќе функционира клубот, а дополнително ќе се набавува и нова опрема.

 |  Соња Рилковска  | 

Обновен објектот на  Едриличарскиот клуб„Снегар“  во  Струга. После големиот пожар изминатово лето, кога објектот беше комплетно  уништен  заедно со целокупната едриличарска опрема и пловила, Агенцијата за спорт и млади го возобнови и вчера го  пушти во употреба новиот  спортски објект.
Станува збор за комлетно нов и современ објект, кој ќе ги задоволува потребите на едриличарите.

„На свечена пригода го отворивме Едриличарскиот клуб во Струга кој беше изгорен на 21 јули. И тоа е една силна порака дека државата се грижи за спортот, државата се грижи за објектите кои настрадале во немили настани. Секако со цел спортистите , спортските работници да се чувствуваат сигурни во тоа дека државата секогаш стои позади нив и секогаш ќе ги помогне во оние тешки случаи или немили настани. Денеска имаме едриличарски клуб „Снегар“ обејкт кој што е  современ реконструиран и направен врз база на вистинските вредности и принципи,  кои ги имаат клубовите во Западна Европа“, изјави  Дарко Каевски директор на Агенција за спорт и млади.
Дополнително ќе се набавува и нова опрема,  едрилици од различни категории за непречно функционирање на едриличарскиот клуб и развој на  еко водениот спорт. 

„Дополнително и со Едриличарската федерација со челниците таму , заеднички со клубот разговараме дополнително ќе преземеме активности дел од едрилиците да се купат нови, но секако тука се и федерациите од регионот со кој веќе стапивме во контакт ни помагаат и дел од опремата веќе ќе ни биде доставена во периодот кој што следи“, додава Каевски.

Едриличарскиот клуб „Снегар“ до темел изгоре  на 21 – ви јули  годинава. Во пожарот беше пеплосана  и целата  флота на клубот,  изгореа околу  триесетина  пловила , 4 мотори и 60 години стара документација. Висината на штетата првично беше проценета  на околу 300.000 евра.
Клубот е лоциран на доста атрактивна локација на „Градска плажа“ во строгиот центар на брегот на Охридското езеро во Струга. Располага со хангар од околу 250 м2 . Во јавноста проструија повеќе нформации, меѓу кои , дека некои струшки  моќници „фрлиле око“ на атрактивната локација. И после четири месеци причините за пожарот останаа не јасни.

-„Полицијата презема понатамошни мерки за утврдување на причините за настанатиот пожар. Тие мерки ги преземаме во соработка со пртивпожарната единица“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

„Снегар“ е најстариот едриличарски клуб во земјава,  основан во 1959 година во Струга. Во 1973 година почнал да учествува на натпревари на континенталните води во Србија, а во 1975 и на Јадранското Море. Од 1991 година, овој клуб е дел од Едриличарската федерација на Македонија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top