Едно возило за цела болница во Струга

Градската болница во Струга има само едно возило за транспорт на пациенти кои ургентно се праќаат до скопските клиники. Тоа ни одблизу не ги задоволува потребите за пациентите, вели првиот човек на оваа установа Асим Муса и смета дека овој проблем треба да се надмине час поскоро.

 |  Николоска Биљана  | 

Општа болница Струга располага само со едно болничко возило. Тоа е за потребите на сите одделенија во оваа медицинска установа. Не ретко посебно во летниот период се случува да има потреба и по неколку пати во текот на денот ургентно да треба да се транспортираат пациенти до Државната болница во Скопје, открива директорот на болницата д-р Асим Муса. Тој додава дека често и тоа возило и покрај тоа што е функционално, има дефекти.

„Вистина е дека имаме само едно возило. Истото е од 2007 година и има поминато 400 илјади километри. Цела болница го користи само тоа возило. Често имаме потреба да транспортираме две или три болни лица. За помош бараме возила од здравствен дом со кој имаме договор за ова. Има проблеми колата, но сигналите и другите светлосни знаци не се многу важни во случајот. Нас ни е важно да е функционално и да ги однесе пациентите до крајното место. Факт е дека не ги задоволува условите, потребите и критериумите“

Стружани револтирани се што градскта болница која покрива територија од 60 илјади жители, располага само со едно возило.

„Ова е жално. Една кола каде да оди попрво? Ако има три случаи во моментот, може некој да почине, а овие само едно комбе користат.“

„Катастрофа е да се има само едно возило, за овој народ е катастрофа. Може да е заминато на друго место, ако во меѓувреме бараат на друго место, не може да отиде. Катастрофа е болницата да остане во ваква ситуација.“
„Треба повеќе возила. Не е нормално едно возило на толку голема територија. Едно возило е малку за Струга и околината“.

Министерот за здравство Венко Филипче со оптимистичка најава за надминување на овој горлив проблем.

„Разговаравме и за овој проблем и за кратко време се надевам дека ќе најдеме начин на кој што ќе можеме да го решиме овој проблем“ .

Не е исклучена можноста Општа болница Струга додека министерството за здравство не изнајде начин, од сопствен буџет да набават барем уште едно возило. Од болницата тврдат дека редовно испраќале барање до Министерството за здравство за да добијат возило за потребите на болницата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top