Рекордно ниска исплата на личен доход. Месечниот труд на струшките комуналци вреднуван е со само еден денар.
Еден денар плата добија вработените во ЈП „Комунално“ Струга. „Не можев да си поверувам кога го проверив извештајот на банката, дека на ден 14 ти март годинава направен е трансфер од еден денар за исплата на плата“. Ова го кажува вработен во ЈП „Комунално“, Струга, кој не сакаше да проговори пред нашата камера, стравувајќи дека ќе биде казнет.
Оваа информација со доза на резерва ја примивме и ние, сметајќи дека се работи за некаква техничка грешка. Но изводот од сметката до кој дојде ТВМ, покажува црно на бело.
Претседателот на синдикатот на ЈП, Борче Мижимакоски, вели дека добро е запознат со она што деновиве го направил директорот на ЈП, исплатил личен доход од еден денар. Но тој не знае според кој закон е постапено така.
„Можам да кажам дека состојбата во ЈП е алармантна и проблемот не е денешен, значи години се провлекува со неисплата на плати, веќе се направија околу 12 плати, што ги преминува сите граници и издржливоста на вработените во самото претпријатие е на работ и владее меѓусебна нетрпеливост бидејќи давачките треба да се платат а извршителите тропаат на врата“, вели Мижимакоски.
Спроведувањето на Законот за работни односи на подрачјето на општина Струга го контролираат 6 трудови инспектори. Дел од нив ги запрашавме дали исплата на личен доход од еден денар што се случила во ЈП„Комунално“ Струга е законска. Тие не беа запознати со тоа, кажаа дека делуваат само доколку има дојава или преставка до нив. Мижимакоски пак убеден е во спротивното.
„Јас имам лично информации дека има дојава таму и познато е дека дојавувачите се заштитени со закон и институциите треба да реагираат. Но гледам дека буквално не само за Комунално државата воопшто не ги обавува своите обррски и законите на вработените“.
Но тој што е најповикан во целиот заплет на состојбата молчи. Нашите обиди во неколку наврати да стапиме во контакт со директорот на ЈП „Комунално“, Струга, Петко Кутаноски останаа безуспешни.
Оставаме на јавноста да прецени што се крие позади параванот на исплатата на личен доход во износ од еден денар по вработен. Дали постои дупка во Законот за работни односи кој не подлежи на одговорност а која ја знае директорот на Комунално, со точност не може да се каже. Но сигурно доколку рецептот е успешен ќе му го побараат многу менаџери.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град