Двојно зголемен бројот на пациенти на детското одделение во Струга

Двојно зголемен е бројот на пациенти на детското одделение во Струга. Најкритично е во викенди, за празници и ноќна смена. Покрај децата од Охрид, на струшкото одделение наплив има и на деца од Ресен и Дебар.

 |   | 

Речиси двојно е зголемен бројот на пациенти на детското одделение во Струга. По затворањето на детското одделение во Охрид најкритични се изминативе два месеци. Огромен број деца кои имаат настинка, сезонски грип или корона се лекуваат во струшката болница. Најкритично е во викенди, за празници и ноќна смена. Покрај децата од Охрид на струшкото одделение наплив има и на деца од Ресен и Дебар.

Шест лекари педијатри работат на двете одделенија детско и неонатологија, а има 18 кревети за хоспитализација. Најмалото дете кое било болно од ковид во овој регион било едномесечно бебе.

Дневно ако земеме во рок од 24 часа ако покриваме прва, втора и трета смена преку 120 прегледи имаме. Од нив најмалку 40-тина минуваат преку дневна болница тие се пациенти кои по неколку денови доаѓаат и примаат терапија. Другите се прегледи и потешки се втората и ноќната смена со оглед на тоа што детското одделение во Охрид не работи, втора смена нема педијатар и тие деца ги згрижуваме ние. Да не зборувам за викенди и празници тоа е страшно – вели д-р Влатко Мицковски, педијатар во Општа болница Струга.

Во споредба со овој период лани поради рестриктивните мерки кои беа на сила имаше многу помал број на заболени деца, со тоа помал број прегледи и хоспитализации. Само кај децата со влошена здравствена состојба се прави тест за да се утврди дали е ковид.

Сега овој новиот мутант вирус Омикрон, ги зафаќа и младите, но со поблаги симптоми. Има деца болни, но ние како лекари не можеме да го разликуваме тоа дали е сезонски грип ако е кај мали бебиња дали е распираторен вирус, ние ги третираме како настинка или грип. Обично доаѓаат ради покачена температура, кашлица и малаксаност што се совпаѓа со симптомите од Омикрон сојот. Ако тоа се влоши и не се смирува со парацетамол или ако се влоши дишењето тогаш со брис тест ги обработуваме лабараториски и да потврдиме дали постои омикрон – вели д-р Вулнет Бектеши, педијатар неонатолог во Општа болница Струга.

Лекарите се загрижени, двајца педијатри од струшката болница за неколку години заминуваат во пензија. Покрај двајцата специјализанти, кои веќе се на специјализација ќе мора дополнително да се испратат уште лекари на специјализација за педијатрија. Најавата на министерот Филипче дека лекари педијатри ќе работат на детското одделение во Охрид сеуште не е остварена.

Новинар : Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top