Детската градинка 8 ми Март стана енергетски ефикасна

Струшката детска градинка „8 ми Март“ прерасна во комплетно енергетски ефикасен објект. Паралелно со замената на азбестниот покрив во објектот „Сонце“, Центарот за развој на Југозападниот плански регион интервенираше и на промена на старите прозорци и врати со нови ПВЦ. За таа цел Центарот издвои средства во висина од еден милион денари, обезбедени од Националниот буџет.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Најмладите стружанчиња од предшколска возраст, на 1 ви септември ја започнуваат годината во енергетски ефикасен објект. Финишираат работите околу замената на дограмата во детската градинка „8 ми Март“, клон „Сонце“, проект кој го реализира Центарот за развој на Југозападниот плански регион. Мирјана Лозаноска, задоволна е од динамиката со која се изведувале сите зафати во објектот. Таа нагласува дека целта е создавање на попријатни услови за работа, учење и престој во детската градинка.

 „Овде конкретно интервениравме на замена на столаријата, односно ги заменивме старите прозорци и врати со ПВЦ и со тоа овозможуваме многу поголема ефикасност, односно заштеда на енергенси во објектот.  Паралелно и општина Струга има обезбедено донаторски средства и направи реконструкција на кровот на градинката така што може да се каже дека комплетно енергетски сфикасен е направен проектот бидејќи е интервенирано на места каде што се случува најголем губиток на енергија“.

Лозаноска појаснува дека проектот „Изведба на енергетски ефикасни објекти и употреба на обновливи извори на енергија во Југозападниот плански регион е продолжение од минатата година.

 „И во двата наврати, значи минатата година направивме една серија на реконструкции, а оваа година продолжуваме со други објекти. Лани интервениравме на јавни објекти во 4 општини, а оваа година на 7 објекти во 7 општини кои се во рамките на регионот. Во принцип на повеќето објекти интервениравме во замена на столарија, реконструкција на кровови, поставување на изолација на таваните, изолација и реконструкција на подови, ѕидови, односно се она што придонесува за енергетска ефикасност на објектот“  – вели Лозаноска.

Реализацијата на проектот „Изведба на енергетски ефикасни објекти и употреба на обновливи извори на енергија во Југозападниот плански регион е при крај, како што открива Лозаноска. Овој проект се изведува во 7 општини од регионот. Вкупната вредност која што досега е доделена на Центарот, за реализација на проектот е 22 милиони денари од Националниот буџет преку програмите за рамноправен економски развој на Министерството за Локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top