Дали ќе се обнови разурнатата црква во Октиси?

ВМРО-Народна како демохристијанска партија во обид да издејствува дозвола за возобновување на црквата св.Димитрија во село Октиси.

 |  Наумоски Мишел  | 

Православното население од село Октиси-Струшко, со последни сили се бори повторно да ја добие својата урната црква, Св.Димитрија. Нивниот последен апел го послуша ВМРО-Народна партија која лично се обрати до владата и до министерството за транспорт и врски да ја исправи оваа неправда-како што велат тие. Поради лошата состојба во која се наоѓала црквата св.Димитрија, жителите на Октиси решиле да ја обноват. Откако ја добиле дозволата за градба односно реконструкција, тие ја урнале оваа црква. Но решението за градба кое го добиле од Министерството за транспорт и врски, било поништено од локалната во Струга. Тие помош побараа и од ВМРО-Народна.

„Овие жители се имаат обратено и до локалната самоуправа и до министерството за транспорт и врски и до владејачката партија, меѓутоа никаде не нашле на прием односно можност да се реши овој проблем, затоа на крај се обратија до нас како политичка партија која што е со демохристијанска и национална определба.“-рече кандидатот за пратеник од ВМРО-Народна, Ванчо Костоски

По поништувањето на решението за градба, жителите на Октиси два пати се пожалиле и до второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски, но локалната не ги испочитувала одлуките на Министерството, да започне изградбата на црквата-велат од ВМРО-Народна. Третата жалба до второстепената комисија требало да значи одземање на ингеренциите на локалната, но министерството за транспорт и врски сепак не се решило на овој чекор, додаваат тие.

„Мислиме дека министерството за транспорт и врски со ова ги крши законите кои сама ги донесе оваа влада. Даваме препорака до министерот Миле Јанакиески да ги прочита уште еднаш законите што сам ги донесе и да пристапи според законот. Не станува за нова градба туку се работи за истите димензии, на истото место. Се надеваме дека кај министерот за транспорт и врски и владата на Република Македонија оваа наша прес конференција ќе предизвика интерес и ќе пристапат кон реализација односно давање на дозвола за градба.“-додаде Костоски

Имено станува збор за црква која што е една од најстарите во Струшкиот регион. Решението за градба на оваа црква, жителите на Октиси го добиле уште на 24 Јуни 2009 година, но црквата до ден-денес не е возобновена. „Со ова мислиме дека се нарушени и човечките и верските слободи на македонските  православни христијани во струшкиот регион. А ние како политичка партија не само за православните христијани туку и за сите верници во Република Македонија ќе застанеме оној пат кога ќе се работи по легален пат.“-велат од ВМРО-Народна.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top