Трговијата со дрва на „црно” посебно актуелна пред стартот на грејната сезона. Полицијата во струшко фати девет лица кои ја пустошеле шумата на Јабланица, осум од нив се албански државјани, а еден Македонец.
Дрвокрадците ги соголуваат шумите на Јабланица. Жители на соседна Албанија преку границата, поддржани од мештаните во околните села, постојано вршат нелегална сеча. Трговијата со дрва на „црно” посебно е актуелна пред стартот на грејната сезона.
Полицијата во изминатиот период одзеде голема количина дрвна маса, која нелегално се транспортирала од планинскиот појас на патот Струга-Дебар. При секоја заплена на дрвокрадците им се одземаат коњи, џипови, камиони, алат за сеча и огревното дрво.
Со поставување на пунктови и заседи и прегледи на терен и сите активности резултирале со пронаоѓање на девет лица кои што вршеле нелегална сеча пустошење шуми тие се затекнати при товар на пресечената дрвна маса на коњи и транспорт до камиони и други моторни возила со кои се транспортираат нелегално – вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Поголемиот број на дрвокрадците се државјани на соседна Албанија кои влегуваат нелегално преку Јабланица.
Од овие девет лица, осум се албански државјани и еден е од земјава. Она што е карактеристично е дека ОВР Струга има поднесено соодветни пријави против повеќе физички, но и правни лица – додава Димоски.
Активистите од Здружението за екологија „Натура лаб” од Лабуништа последниве две години постојано алармираат за соголувањето на шумите на Јабланица. Загрижени, велат пустошењето на шумите им предизвикува поплави и опасност од свлечишта.
Новинар Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град