Ако е забаено, да не е заборавено

Општина Струга го одврза кесето. Со 30 милиони денари ќе се асфалтираат улиците, со 4 милиони денари ќе се крпат дупките. И не само тоа, отпочна и проектот за санација на „мостот на Нина“.

 |  Николоска Билјана  | 

АД „Илинден“ ќе ги асфалтира струшките улици. Како што ТВМ во неколку наврати информира, ударните дупки на неколку улици во Струга сеуште остануваат ноќна мора за возачите. Бројните искинати гуми и дефекти на возилата се препишуваа токму на овој проблем, а секако вината се посочува на Локалната.

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, вели дека свесен е оти состојбата со локалната патна инфраструктура не е на завидно ниво, но оти нивната грижа е голема во таа насока. Мерко смета дека и државата треба да поводи сметка во делот на регионалните патишта, кои исто така се во катастрофална состојба. „Потпишан е договор со градежната фирма „Илинден“ од Струга за асфалтирање и санација на критичните струшки улици. Ние уште во декември отпочнавме со тампонирање на ударните дупки и не застануваме додека не ги донесеме патиштата во ред“, вели Мерко.

Голем инфраструктурен проблем во Струга претставува и „мостот на Нина“. Како што е познато, истиот, скоро година дена, е навидум затворен поради опасност, и до ден денес чека на реконструкција и санација, а преку него секој ден поминуваат деца кои одат на училиште. Мерко вели дека општината мисли и за овој проблем, па деновиве веќе е отпочната  негова санација и се чека избор на изведувач, за што веќе има објавено и тендер.
Овие два инфраструктурни проблеми, доколку навистина се завршат во предвидениот рок, ќе ги оправдаат надлежните пред струшката јавност, која секојдневно укажува на тоа. Всушност, во најмала рака, тоа е и обврска на градоначалникот, на кого стружани му ја дадоа својата доверба. Останува уште еднаш времето да си го покаже своето. Како и да е ТВМ континуирано ќе ја следи состојбата во тој дел, ако е потребно ќе пофали, во спротивно нормално ќе критикува, оти сепак  медиумот работи во интерес на граѓаните.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top