Се повеќе депонии на патот до Калишта

Депонии од инертен отпад се формираат на двете страни на патот кој води од Струга до селото Калишта.

 |   | 

Од ден на ден расте бројот на депонии на патот кој води до струшкото село Калишта. Се зголемува и количството на шут кој се одлага на самиот брег од езеорото, а жителите од овој крај само им останува да се надеваат дека инспекциските служби ќе бидат поактивни на терен и што поскоро ќе го решат овој проблем.

„Депониите кои се во Калишта ги има насекаде. Тоа не личи на ништо и дава една лоша слика за нашето место и го нарушуваат амбиентот. Ако еден фрла нешто и другите фрлаат и депониите се зголемуваат“.

„Голем проблем е ова за Струга. Компетенциите се во општината. Општината треба да преземе некои мерки бидејки таа е мозокот на една територија. Општината ги има инспекторите кои треба да го почитуваат законот. Ако не се почитува законот не правиме ништо“.

„Многу отпад се фрла во езерото од Струга до Радожда. Незнам каде се инспекторите да реагираат.Мора да има работници кои ќе ја следат состојбата од Евро хотел до Радожда и сторителите да се казнат со парична глоба“.

Некои жители сметаат дека треба да има постојани контроли бидејки станува збор за туристички регион а големиот број туристи кои го посетуваат ваквата слика ги тера да не доаѓаат уште еднаш на овој дел од езерското крајбрежје.

„До сега ниту една институција не презела ништо овде како регионален пат покрај Охридското езеро каде што живеат Албанци. Секој како што нашол фрла отпадоци сè со цел да го свртат вниманието на туристите за да одат на другата страна на езерото“.

Овој атрактивен дел од струшкото крајбрежје поради своите природни убавини е вистински мамец за туристите, кои исто така реагираат на глетката, со жалење констатирајќи дека станува збор за појава која не би смееле да ја дозволиме во област која изобилува со природни убавини, бидејќи вакви локации велат странските туристи има и на охридската страна од езерото.

„На едно поле, на околу два километри оттука има навистина многу отпад, од душеци, до најразлични видови на градежен шут, бетон и што уште не. Се гледа дека голем дел од ова подрачје е зачувано и чисто, но има делови за кои луѓето не се грижат. Бев и во Охрид и таму има места каде има отпад, од пластични шишиња до што уште не. Ова е голем пробле, станува збор за прекрасен предел, прекрасно езеро и срамота е ова да се случува.“

Од општинскиот инспекторат по животна средина информираат дека во месец мај од нивна страна била направена контрола на терен, но заклучиле дека станува збор за приватни имоти. Биле пуштени решенија до сопствениците за одстранување на отпадот кој во најголем дел е градежен. Поради нерешено имотно правни работи решенијата им се вратиле, а дополнителен проблем било што дел од сопствениците се наоѓале странство. Од таму најавуваат дека општината ќе преземе понатамошни мерки со цел регулирање на ситуацијата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top