Индонезиски пример како лажна слика на успешна борба со ковид-19

Оваа земја не е пример за вакцинирање на населението и од нејзината стварност не може да се градат оптимистички визури, макар и врзани за кинеските вакцини. Таа, според последните проценки ќе може да има задоволително ваккцинирање за 10 години!

Вест со наслов „Прекрасна вест за вакцината Синовак која ја очекуваме во 500 000 примероци: Индонезија се спаси од пандемијата со оваа вакцина, податоците досега велат дека е 98% ефективна против смртни последици и 96% ефективна против хоспитализација!“ на читателите им сервира сознание дека кинеската вакцина Синовак претставувала спас од пандемијата за Индонезија. Веста се става во контекст на нашите очекувања дека ќе добиеме пратки од вакцината во количество од наводни 500 илјади парчиња. Таа е споделена на социјалната мрежа Фејсбук преку вирален пост кој има над 280 интеракции.

Генерално, веста обилува со бројки. На пример дека „Индонезија се бори жестоко со пандемијата, за тоа им помогнаа милионите кинески вакцини Синовак, поточно 16 милиони! Вкупно земјата доби над 50 милиони дози од други производители, но таа има голема популација, над 350 милиони народ!“

Овие бројки а и некои други, кои ќе ги споменеме треба да не уверат во „поткованоста“ на веста. Што е тука вистина?

Најпрво земјата е четврта по населеност во светот, ама брои 260 милиони а не 350 милиони, што, секако, прави разлика при вреднување на бројките кај вакцинацијата. Потоа, ако оваа земја добила 16 милиони дози кинески вакцини – според написот – од 50 милиони дози од други производители. Излегува дека медиумот сам себе се демантира: сензационално најавената вест нема покритие ако другите производители имаат над три пати поголемо присуство оваа земја?!

Последната вест до која дојдовме од ова подрачје, од 15 мај од угледен медиум е следна:

Оваа земја воопшто не е пример на кој треба да се потпреме во компарирања за вакцинирањето против ковид-19.

Вакцинацијата е бавна и неорганизирана. Заклучно со 11 мај 2021 година, 13,68 милиони Индонезијци ја примија својата прва доза, а нешто помалку од 9 милиони ги примија двете дози или на вакцините Синовак или на АстраЗенека понудени во земјата. Ова значи дека само околу 5 проценти од лицата кои треба да се вакцинираат се целосно вакцинирани.

Меѓу приоритетните групи, највисоки стапки на вакцинација се забележани кај здравствените работници, од кои 93,1 процент се вакцинирани, следени од јавните службеници со 33 проценти. Стапката на вакцинација за постарите лица, најранлива група е разочарувачка со само 8,43 проценти што ги примаат двете дози досега.

Проценките сугерираат дека со просечно администрирани 60.433 дози дневно, на Индонезија ќе и требаат повеќе од 10 години за да вакцинира 75 проценти од своето население.

Би-Би-Си во овој напис од нивното издание на српски јазик ги поткрепува ваквите податоци:

До јуни 2021 година, Индонезија очекува да обезбеди околу 80 милиони дози на Синовак и АстраЗенека за да покрие 40 милиони од граѓаните со најголем ризик. Но, ова сочинува само 22 проценти од вкупното население кое има право на вакцинација“ – се вели во овој свеж извештај. Земјата има лошо здравство и одбра прво да ги вакцинира помладите и оние од јавните служби! Понатаму, постои предубедување кај дел од нселението (муслиманите се над 90 отсто во оваа земја) кон свинскиот желатин кој е составен дел од вакциналните содржини.

Веста што ја рецензираме е неточна и целосно неусогласена со состојбите во оваа земја. Ниту во однос на соодносот меѓу вакцините, добиени од земјите-производители, ниту, што е поважно, во однос на успехот на вакцинацијата. Значи, ниту кинеските вакцини се одлучувачки, ниоту се доволни, ниту структурата на вакцинираните е релевантна за мерење на успешноста на Синовак! Не е точен ниту бројот на населнието, ниту нивното расположение за вакцинирање… Просто човекк да се запраша – што е во веста воопшто точно?

Порталот за овој текст се повикува на Ројтерс, но факт е дека таа вест таму се однесува само на успехот на вакцинацијата кај здравствените работници во Индонезија, а тоа не може да биде релеватно во однос на целината на сознанијата и е претставена како „секторска“, па од неа се извлекуваат заклучоци за ефикасност на вакцината за која се говори во оваа земја.

Конечно, Индонезија е комплетно лош пример за споредби поврзани со било каков оптимизам кај пандемијата со ковид-19! Се разбира, сето ова не значи дека кинеската вакцина Синовак е неефикасна и дека не треба да се употребува, но во овој конкретен случај, во оваа вест, таа е искористена на манипулативен начин, преку серија на неточни податоци и информации.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top