Промовирајќи го своето книжевно дело „Фотографијата како историско сведоштво за градот Охрид во периодот 1913-1991 година“, авторот Никола Митровиќ ги врати охриѓани години наназад.
Вистинско патување во минатото на охриѓани, пријателите, соработниците и своите колеги им овозможи фотографот и архивист, Никола Митровиќ со своето книжевно дело „Фотографијата како историско сведоштво за градот Охрид во периодот 1913-1991 година“. Ова дело креирано во периодот од 2005та до 2007ма година ја доживеа својата официјална промоција. Книгата е всушност вториот дел од трилогијата која Митровиќ ја има ветено на Охрид. Првото дело беше неговата изложба на фотографии насловена како „Охрид понапред“.
„Јас ако се вратам малку наназад токму во вашата телевизија направив и една пред-промоција, кога укажав дека ќе следува едно вакво дело. Фотографијата е визуелно сведоштво и таа спаѓа, ако гледаме од архивистички аспект во неконвенционалниот вид на архивски записи но не се омаловажува нејзината значајност за разлика од пишаниот збор. Нејзиното значење е големо, веќе гледаме, нејзиниот развој се зголемува и стигнува до дигитална фотографија. Токму во оваа книга се запишани и почетоците на фотографијата во светот, во Македонија и во нашиот град Охрид.“-вели Никола Митровиќ, автор на книгата.
„Чест ми е што имав можност да бидам рецензент од аспект на читател, нешто што е пракса во современите литературни текови“-рече Дејан Паноски кој даде свој увид во делото на Митровиќ „Фотографијата како историско сведоштво за градот Охрид во периодот 1913-1991 година“.
„Ова дело го гледам не само од некој уметнички или историски аспект, туку и од аспект на душата на Охрид, затоа што кога ќе се погледне наназад денеска во едно време во кое што сите фотографираме и сите на некој начин немаме сеуште согледано што всушност правиме кога фотографираме и кога ги објавуваме фотографиите, и ако тоа се погледне од една историска дистанца, во една иднина после 30-40 години ќе се види дека всушност на фотографии и ние во овој период сме одбележале едно време, сме одбележале настани, еден Охрид каков што е во времето на нашата генерација.“-рече рецензентот-читател, Дејан Паноски.
Инаку „Фотографијата како историско сведоштво за градот Охрид во периодот 1913-1991 година“ претставува посебно дело кое го опфаќа историскиот циклус на Охрид во тој период. Во него се поместени голем број на фотографии во соработка со многу охридски фамилии и колекционери на стари фотографии од градов. Ова дело, охриѓани и сите заинтересирани ќе може да го најдат во книжарниците низ Охрид, а според авторот поради големиот интерес кај читателите, во моментот се размислува и за зголемување на отпечатениот тираж. Во третиот дел посветен на историјата на Охрид, Митровиќ вели дека ќе биде подготвена и драма која ќе биде сведоштво за вистински настан во Охрид.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град