Сладок сувенир за гостите кои ќе го посетат Охрид

Сладок сувенир за гостите кои ќе го посетат Охрид. Слаткото од охридски цреши туристите ќе можат да си го купат и да си го понесат со себе. Ова е идеја на некои професори од Факултетот за земјоделски науки и храна кои сметаат дека што поскоро треба да се брендира охридската цреша.

 |  Лионела Јаковлева  | 

Слаткото од охридски цреши ќе им се нуди како сувенир на туристите. Убаво спакувано во мали теглички со убав дизајн во кои ќе има по неколку цреши, ќе биде слатко задоволство за гостите кои ќе го посетат градов. Ова е убава замисла на професори од земјоделскиот факултет. Охридската цреша која има прекрасен вкус и која зрее подоцна од останатите и е специфична по многу нешта мора да се брендира и да стане препознатлив производ за Охрид, вели Др Илија Цанев од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Традиционалното производство ние мораме да го зачуваме во Македонија. Не смееме да дозволиме да исчезне или пак некој да ни го земе и да го присвои. Тоа е наше одличје по кое сме препознатливи не само во Европа туку и во Светот, вели Др Илија Цанев.

Во иднина треба сериозно да се размисли како да се зголеми земјоделската површина со на сади на охридска цреша, кажува Цанев. Тој додава дека и други производи како охридското јаболко и охридскиот патлиџан треба да се зачуваат во својата оригинална форма и да не се дозволи да се измелезат со други сорти. Во светот веќе на големо се обрнува внимание на производството на храна и на зачувувањето на старите сорти овошје и зеленчук кои не се модифицирани и хибридни. Се повеќе се оди на производство на органска храна, а се размислува и како да се зголемат приносите на мала површина обработливо земјиште. Податоците покажуваат дека со секојдневното зголемување на популацијата се зголемуваат проблемите од недостиг на храна.

Ако сакаме да го зголемиме и интензивираме земјоделското производство мора да ги искористиме потенцијалите  кои ги имаме а со тоа ќе го зголемиме и приносот по хектар. Новите методи на производство и следењето на трендовите во технологијата ќе ни помогнат во тоа, вели Цанев.

Само на ваков начин ќе градиме здрава зелена иднина за нашето поколение, ова беше констатирано на вториот интернационален конгрес за земјоделство храна и ветеринарство кој се одржува во Охрид  а на кој учествуваат 22 земји од светов.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top