Традиционални танци, носии, најпрепознатливи јадења. Студенти од десетина различни земји денес на најдобар можен начин ја претставија сопствената култура, музика, историја.
Звуци на национални инструменти од Камерун, впечатлива и колоритна традиционална облека, малку историја, малку национална кујна. Студентите на Универзитетот „Св.Апостол Павле“ на третиот „Ден на култури“ се запознаваа меѓу себе, учеа за културата, традицијата и историјата на своите колеги од универзитетот, пееја и се забавуваа. Покажаа дека светот во кој живееме е мултикултурен. Еве со што се претставија дел од нив.
„Имаме едно јадење во Египет што се вика Фул, тоа е грав, но е доста популарен има и домати во него и некои други елементи, но кога ќе се подготви е навистина вкусно. Секој што ќе дојде во Египет мора да проба фул.“
„Јас го претставувам кралот на Гана, еден од моќните кралеви во регионот на Ашани. Мечот кој сега го држам ја претставува моќта на кралот, а оваа алка, зрната од кои е направена го претставува златото на Гана, а ова е нашата традиционална облека, и ја претставува богатата природа на земјата, земјоделието, какаото.“
Еден од организаторите на „Денот на култури“, Емануел Дукер, вели дека е тешко да се организира еден толкав настан, но дека веќе трета година со ред се обидуваат тој да биде што е можно повпечатлив.
„Овој настан е за Охрид, за интернационалните студенти, кога зборувате за Охрид знаете дека тука има многу луѓе од други држави кои го посетуваат. Ова е можност да ги прошириме сопствените хоризонти, учејќи од македонците, од охриѓаните. Сигурен сум дека сите интернационални студенти од универзитетот сакаат да соработуваат со охриѓаните и да го направиме Охрид уште подобро место за живеење.“-вели тој.
На универзитетот „Св.Апостол Павле“ скоро секоја година се приклучуваат студенти од нови земји. Годинава се презентираат студенти од околу петнаесетина од вкупно 35те различни држави кои се застапени на универзитетот.
„Тука во холот се изложени сувенири од десет држави, секој си ја претставува својата држава со нивното национално јадење, може да се пробаат националните јадења од скоро секоја држава, гледавме да покриеме што повеќе држави. Ние секоја година се запознаваме се повеќе меѓу себе, но сепак сакаме и од страна луѓето да видат дека нема разлика меѓу културите, дека ние сите сме едно без разлика на раса, на култура, ние сите сме едно.“-рече Маја Милеска, дел од организаторите на „Culture day 2015“
Инаку „Денот на култури“ е иницијатива на студентите на универзитетот „Св.Апостол Павле“, а по повод 21ви Мај, светскиот ден на Обединетите Нации за културен диверзитет. Меѓу другите, денес својата култура ја презентираа студентите од Гана, Камерун, Нигерија, Турција, Белизе, Танзанија.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град