Дневниот центар за грижа на лица со интелектуална попреченост „Зраци“ се повеќе наликува на современ центар каде се сместени лица од оваа категорија. Со парите добиени како донација од австралиската амбасада тој се осовремени и ги подоври условите за престој. Денес амбасадорката на Австралија дојде да види што се е направено.
Дневниот центар за грижа на лица со интелектуална попреченост „Зраци“ ги подобри условите за престој на своите штитеници. Со донацијата од австралиската амбасада во РМ во висина од 5 926 австралиски долари се набави нова опрема за кујната на центарот, техника и мебел. Денес во посета на центарот беше австралиската амбасадорка Џулијан Фини, која го помага центарот веќе две години. Ја придружуваше градоначалникот Никола Бакрачески кој изрази огромна благодарност од оваа нивна соработка.
Со реализацијата на овој проект кој беше потпишан во декември значително се подобрија условите за престој на децата и за работа на персоналот. Локалната ги прати сите активности, соработува и ги помага активностите. Досега се реализирани два проекта, од кои првиот во 2015 беше за санирање и уредување на просториите и преземање на обврските за исплата на плати на вработените. Се надевам соработката ќе продолжи, рече градоначалникот Бакрачески.
Амбасадорката Фини која не пропушти на згрижените во центарот да им донесе и соодветни подароци, изрази задоволство од сегашните услови во центарот.
Драго ми е што сум тука. Зошто сме ентузијасти за центарот, може да се види од лицата на луѓето кои тука престојуваат. Благодарност до градоначалникот и локалната што посветува внимание на сите жители на Охрид, што е чекор напред во ослободување од предрасудите кои постојат кон овие лица со попреченост во развојот, истакна амбасадорката Фини.
Зоран Костадиноски, дефектолог во Центарот „Зраци“ рече дека во моментов условите се многу подобри од претходно, но додаде дека секогаш може уште да се средува и доопремува.
Овој центар кој функционира околу 15 години е втор дом и единствена светла точка за социјализација на лицата со пречки во интелектуалниот развој од Охрид. Тој во голема мера ја олеснува обврската на семејствата околу згрижување и чување на овие лица.
Презадоволни сме од ангажираните лица, условите се се подобри, може да се каже дека центарот има одлични услови за згрижување на лицата кои се тука по неколку часови. Можеме да одиме на работа и да не се грижиме за нивната безбедност, бидејќи ако се дома мора еден член од семејството да биде ангажиран околу нив, вели Орхидеја Топенчарова, родител на згрижено лице во центарот.
Инаку родителите ја подржаа и иницијативата „5 до 12“ која продолжува и денес, а чија цел е подобрување на условите за живот на лицата со попреченост, како и отстранување на бројните проблеми со кои тие се соочуваат.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град