ЗМАИ: Домашните фирми да добијат поволности како странските

Доколку државата би им го наплаќала данокот на добивка и  персоналниот данок на странските директни инвестиции во технолошко индустриските развојни зони, би остварила 26 милиони евра на годишно ниво, покажуваат податоците од истражувањата на Здружението млади аналитичари и истражувачи.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Најголем дел од македонците ја подржуваат  идејата домашните фирми да добијат поволности како и странските директни инвеститори. Исто така голем бенефит за сите домашни фирми би било доколку се зајакне соработката на домашните фирми со странските директни инвестиции, истакнаа од Здружението на млади аналитичари и истражувачи. Тие на денешната трибина „Ефектот на странските директни инвестиции во технолошко – индустриските развојни зони врз македонската економија“,  која се одржа во Охрид ги изнесоа податоците од нивното последно истражување.  

„ До сега во однос на бројот на вработени за 9 компании кои што подлежат на субвенции од државата, достигнат е број од 9617 лица на крајот на 2014 година. Доколку сакаме да истражиме колку се ослободени од данок на добивка и персонален данок тогаш севкупно од 2009 до 2014 год, без буџетски импликации значи државата доколку би наплаќала на овие 9 компании би остварила 26 милиони евра доколку би им го наплаќала данокот на добивка и  персоналниот данок – изјави, Горан Мојаноски – проект координатор на ЗМАИ

Свое излагање на трибината имаше и генералниот директор на ОДВ ЕЛЕКТРИК, Огнен Цубалевски кој кажа зошто оваа германска компанија се одлучила да отвори погон во Охрид.

„Таа одлука не е моја, таа одлука е на сопствениците на ОДВ ЕЛЕКТРИК, значи беше донесена уште пред јас да ги познавам, пред се заради макроекономската ситуација и условите што постојат во РМ дополнително Охрид е град со индустриска традиција, вие знаете подобро од мене до крајот на 80 сетите години во Охрид имало 25 индустриски работници, благодарение на „Застава“ имало големо искуство со автомобилска индустрија“

Директорот на дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, истакна дека за развојот на Македонија важно е што се поголем број компании се одлучуваат за локации надвор од главниот град, посебно кога станува збор за трудово интензивните компании.

„Даночните ослободувања значат за компаниите, тоа е бенефиција и добивка , но за државата тоа значи дека државата се откажува од нешто што воопшто не постоело, пред да дојдат тие компании никој не го плаќал тој данок, значи тоа не е трошок за државата, тоа е бенефиција за компанијата, но државата, тоа е опортунитентен трошок, но трошок кој не би постоел. Сето она што се даночни ослободувања во одредени временски периоди тоа не значи дека за сите компании овие даночни ослободувања ќе се во перид од 10 години, лимитот на максималната вредност на помошта која секоја компанија може да ја добие е утврден не само според македонски туку според европски правила и прописи, и не може да надмине повеќе од 50 % од инвестицискиот циклус кој трае 3 или 4 години“

Директорот на Секторот за локален развој од Струга, Насер Илјази истакна дека не биле поканети кога се отворала туристичката развојна зона во Струга, односно добиле само еден документ во кој се објаснувало значењето или импактот на ТИРЗот. Илјази смета дека тоа е од политичка природа и дека се тоа ќе има негативен импакт кога ќе дознаат странските инвеститори дека општината не била информирани за таа работа, можеби и нема да инвестираат.

„Како што спомна и г – динот Огнен за работната сила во Струга и Охрид, најмногу се работи на полето на туризмот на отворање на хотели и познато е дека имаме проблеми и со работната сила и со нивната квалификација бидејќи не се подготвени да ја работата таа работа и да не биде смешно не можат да работат како келнер, немаат квалификација и не знаат да се однесуваат. Ако имаме предвид дека треба да го знаат и англискиот јазик, и ако го имаме предвид социо економски статус не може да се очекува од нив да го знаат англискиот јазик“

Здружението на млади аналитичари и истражувачи  организираше конференција на тема „Ефектот на странските директни инвестиции во технолошко – индустриските развојни зони врз македонската економија“, во рамки на проектот „Влијанието на владините субвенции за странските директни инвестиции, наспроти нивниот ефект врз економскиот раст’’. Целта на конференцијата беше да се изнесат јавни размислувања и заклучоци на релевантни говорници за странските директни инвестиции, со што би се помогнало во креирање на подобри јавни политики во државата. Проектот е поддржан од УСАИД а спроведуван од Фондација Отворено општество – Македонија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top