• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Жителите на Лакочереј најавуваат протести откако „Лев Тахор“ се сместија во нивното село

Жителите на Лакочереј најавуваат протести откако „Лев Тахор“ се сместија во нивното село

Жителите на охридско Лакочереј најавуваат протести, откако од вчера еврејската група Лев Тахор се сместила во нивното село. Велат вознемирени се и уплашени, бараат членовите на религиозната група веднаш да заминат.

 |   | 

Членовите на еврејската религиозна група „Лев Тахор“, кои претходно престојуваа во Куманово и Скопје од вчера се во охридското село Лакочереј, тврдат мештаните. Според нив групата од 38 членови, повеќето од нив малолетни лица, е сместена во еден хотел.

Вознемирени и уплашени за безбедноста жителите на селото излегоа на улица со барање да се исели групата поради тоа што се плашеле за нивната безбедност. Доколку не се случи тоа најавуваат протести.

Цело село е вознемирено. За првпат во мојот живот јас го гледам селото толку вознемирено и уплашено. Бараме начин како групата да се исели од селото. Ние ниту сакаме да ги малтретираме, ниту да ги навредуваме само бараме дислокација. Сакаме само да заминат оттука. Читаме дека оваа група не е пожелна никаде и поради тоа не сакаме да биде присутна и тука. Нив ги бие некој глас, викаат дека киднапирале деца иако ние тоа не можеме да го тврдиме, но од тие причини страв постои. Не случајно е избрано ова село кое е чисто православно со 5 цркви, се нарушува и имиџот на градот – вели Илче Настоски, жител на селото Горно Лакочереј.

Сведоци биле кога групата со полициска придружба пристигнала во селото и побараа надлежните итно да ги дислоцираат.

Пристигнаа со автобус. Ги видовме кога се истовараа со автобус на „Делфина турс“. Со придружба на полициска кола и полициски службеници. Се истовараа куфери. Беа со мали деца до 10 години. Низ селото не шетаат, не се излезени сместени се во хотелот. Не знаеме зошто се тука и доколку не заминат ќе излеземе на масовни протести. Цело село и пошироко засегнат е и градот, не само Лакочереј засегнат е цел град. Ги избркаа од Куманово, од Тетово ги дислоцираа по информации слушнавме требало да одат „Два Бисера“, но им било скапо. Ќе се организираме со протести но без физички пресметки – вели Настоски.

Иако, како што претходно соопштија од МВР, членовите на групата имаат легални патни исправи и одобрен привремен престој во Македонија, верниците најпрво во Куманово, а потоа и во Скопје предизвикаа лавина негативни реакции и говор на омраза на социјалните мрежи, како и напади со фрлање јајца и камења, поради што полицијата мораше да ги чува.

Групата не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите – соопштија од МВР, а од охридската полиција кратко кажаа дека до овој момент нема ниту пријава ниту поплака за вакви лица на територијата на Општина Охрид.

Инаку групата претходно не беше прифатена ниту во Босна и Херцеговина (БиХ), од каде заминале неодамна. Во неа членуваат американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка. Кај нас пристигнаа на 5-ти февруари најпрво во Куманово.

Лев Тахор е еврејска религиозна група основана во 1988 која брои 250 членови. Честото селење е типично за групата, па така освен во Македонија и Босна и Херцеговина, одреден период престојувале во САД, Канада, Израел и Романија.

 

Новинар : Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top