Жителите на Абас Емин и сопствениците на бизниси на таа улица реагираат на според нив бавното темпо со кое се одвиваат градежните зафати за реконструкција на оваа значајна и прометна сообраќајница. Тие доставија петиција до општината со која бараат интензивирање на работите и да се преземе нешто во поглед на возилата кои транзитираат и паркираат и покрај тоа што улицата е раскопана.
Жителите и сопствениците на стопански објекти на улицата „Абас Емин“ до Општина Охрид и градскиот совет доставија петиција за бавното одвивање на градежните зафати на улицата.
Тие посочуваат дека се задоволни што после долги години и по многуте најави и ветувања, конечно започна реконструкцијата на оваа значајна сообраќајница во Охрид, но сепак велат дека на терен има застој или работите се одвиваат пребавно.
Свесни се, велат, дека е потребна трпеливост и соработка но бараат разбирање и од градските власти дека улицата е во хаос кој предолго трае и бараат да се преземе нешто барем во поглед на возилата и прашината која се создава и ја дишат секојдневно.
„Сите жители на нашата улица која го носи името на охридскиот народен херој Абас Емин, секојдневно страдаат од настанатиот градежен хаос и застој на работните зафати. Страдаат дишните органи, детските колички, старечките бастуни. Растурената улица, камењата и прашината не потсетуваат на некои минати векови на примитивно живеење. Не смееме да ги заборавиме и бизнисите кои трпат од моменталната состојба на улицата, која веќе три и повеќе месеци е во ваква очајна состојба.“ – стои во дописот до ТВМ.
Жителите бараат да се реши проблемот со паркирањето на возилата и градежната механизација на овој проестор. Бараат интензивирање на градежните зафати без да трпи квалитетот на изработеното. А во меѓувреме, во овие летни денови со високи температури бараат од општината санирање на проблемот со прашината, со забрана за транзитирање низ улицата и доколку е возможно неколкукратно прскање со вода.
Од локалната самоуправа информираат дека во тек се работи на изведба и реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа на улицата, на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Македонски Просветители“. Оваа фаза од реконструкцијата се релизира преку Министерството за транспорт и врски и со средства од Европската банка за обнова и развој.
„Министерството за транспорт и врски според сите законски регулативи ја има избрано фирмата „Бокоп“, Боровец за изведување на градежните активности. Се работи за сложени инфраструктурни зафати, а динамиката за одвивање на градежните активности е однапред утврдена. Избраната фирма прво работи на поставување на главната линија од подземната инфраструктура, по што следуваат активности за спроведување на нови приклучоци, кои ги изведуваат општинските јавни претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“, велат од општината.
Оттаму апелираат до жителите на улицата „Абас Емин“ за поголемо разбирање и поддршка во текот на изведување на сите предвидени градежни активности за реконструкција на улицата. Реконструкцијата на улицата „Абас Емин“ започна кон средината на април.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град