Секое дете заслужува љубов и топол дом

Три братчиња кои биле оставени буквално на улица и кои немале свој дом, сега нашле топлина и љубов во згрижувачко семејство во село Велгошти. Татијана и Климе Достиноски ширум да ги отвориле вратите за децата кои имале лоша судбина. Во Охрид продолжува проектот кој го спроведува  Центарот за социјални работи „На секое дете му е потребно семејство“ , со кој се стимулираат граѓаните да згрижат деца.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Секое дете заслужува љубов и топол дом. Оние кои немале среќа да растат и живеат со своите родители се несреќни и тажни и најчесто го одбираат погрешниот пат во животот. За среќа во Охрид има две згрижувачки семејства кои се одлучиле ширум да ги отворат вратите за децата кои имале лоша судбина. Домот на Татијана и Климе Достиноски од Велгошти сега е дом и на трите братчиња кои поради нарушени односи во семејството останале на улица. Тие пред речиси една година биле донесени во ова згрижувачко семејство во многу лоша состојба. Гладни, голи и боси, валкани и преплашени од неизвесноста се засолниле во ова катче кое сега е нивен дом. Татјана раскажува како се случило да ги згрижат овие деца. Одкога со нејзиниот сопруг слушнале на ТвМ дека можат да се пријават за да бидат згрижувачко семејство без двоумење отишле во Социјални грижи и го сториле тоа. Иако биле подготвени да прифатат едно до две дечиња од Центарот за социјални грижи им понудиле да се грижат за 3 братчиња. За да не ги разделат се согласиле. На почетокот било тешко додека децата кои воопшто не биле социјализирани се научиле на некаков ред., но со многу труд резултатите биле очигледни.

Потребно е многу љубов и трпение, но и строгост за да се воспитаат децата. Ние многу им зборуваваме и им објаснуваваме зошто се кај нас, а не кај своите родители и дека ние сакаме да се грижиме за нив, раскажува Татјана.

Братчињата кои се на возраст од десет, девет и шест и пол години сега имаат стекнато работни навики, навики за одржување на личната хигиена, се социјализирани, редовно одат на училиште и ги завршуваат своите задачи. Најголемото дете кога пристигнало во ова згрижувачки семејство не знаело ниту да чита ниту да пишува. Сега веќе успешно ја совладува материјата по сите предмети.

Веќе функционираме како едно семејство, се изгубија границите што на почетокот постоекја мешу нас. Ние им објаснуваме дека кај на с се за да се грижиме за нив, но дека тие треба и понатаму да ги сакаат своите родители а што е најважно да се сакаат и почитуваат меѓу себе, вели Татјана.

Згрижувачите на деца, добиваат обука, стручна помош од страна на тим на центарот за социјални грижи, паричен надомест за трошоците за сместеното лице и надоместок за згрижување, право на паричен надомест за згрижувач. Згрижувач може да биде секој што сака да помогне на децата кои се наоѓаат во моментално тешки услови и поминуваат лоши моменти. Можат да се згрижуваат деца од три до 18 години. После тоа државата е должна да им обезбеди услови за живот. Едно згрижувачко семејство може да згрижи максимум пет здрави деца. Нашите сограѓани, Татјана и Климе велат дека сакаат да згрижат барем уште едно девојче.  Тие ги охрабруваат сите оние кои сакаат да згрижат деца што поскоро да го направат тоа.

Наместо да чуваат кучиња и мачиња нека згрижат дете. Него му е најпотребна љубов и топлина, а неговото срце секогаш ќе ви возврати со љубов, вели Татјана.

Инаку во Охрид продолжува проектот кој го спроведува  Центарот за социјални работи „На секое дете му е потребно семејство“. Тој ќе трае до крајот на годината а во средибната на септември ќе се одржи трибина на која сите заинтересирани можат да се информирааат како да станат згрижувачко семејство.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top