Зголемен бројот на сообраќајни незгоди на подрачјето на Охрид

Продолжува трендот на несовесно возење со што се загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот, особено на пешаците.

 |   | 

И покрај перманентните сообраќајни контроли од страна на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај кои континуирано се одвиваат во населени и ненаселени места од почетокот на годинава, споредбено со минатата година забележан е пораст на сообраќајни незгоди на подрачјето на СВР Охрид.

„Од почетоков на годинава до денеска на подрачјето на Охрид случени се 115 сообраќајни незгоди, половината од нив се случени во населени места, споредбено со минатата година, во истиот период имавме 109 сообраќајни незгоди. Оваа година имаме три загинати лица во сообраќајните незгоди од кои што едно лице беше велосипедист и за жал го загуби животот на старот пат Охрид- Струга. Карактеристично е што во овој период од почетокот на годината се случени пет сообраќајни незгоди во момент кога пешак ја преминува коловозната лента на обележан пешачки премин. Од нив две лица се здобиле со тешки телесни повреди.-вели Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид.

Димовски вели дека во континуитет се преземаат не само репресивни, туку и превентивни кампањи за безбедност на сите сообраќајници во и надвор од населените места кои се насочени кон сите учесници во сообраќајот. Една од најпроблематичните точки во градот е булевар „Туристичка“ каде најчесто се предупредуваат пешаците кои преминуваат на необележан пешачки премин, мотоциклистите кои не ја носат потребната кацига и велосипедистите.

„Една од основните приоритети на ПС за безбедност во патниот сообраќај е присуство на сите таканаречени црни точки и места каде што имаме зачестени сообраќајни незгоди. Напоменав дека од почетокот на годинава до денеска имаме пет сообраќајни незгоди. Тие најчесто, односно исклучиво се случени на подрачјето на булеварот „Туристичка“ значи по целата должина на различни места и оттука полициските службеници во различен период од денот и ноќта се поставени на различни пунктови. Ги контролираат пешаците, укажуваат, а во дадени случаи секако и казнуваат“.-изјавува Димовски.

Димовски напоменува дека целта не е да се казнува, туку да се подигне свеста кај сите учесници во сообраќајот. За да се постигне ова ќе бидат интензивирани превентивните кампањи, но ќе бидат засилени и превентивните контроли пред се кон плажите, кон туристичките места на патот Охрид – Пештани – Св.Наум бидејќи очекувано, во таа насока ќе има поголема фрекфенција на сообраќај во текот на летниот период.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top