Само во последниве два месеци според записите во охридската итна медицинска помош, евидентирано е зголемување на повици кои што се однесуваат за мозочни инциденти дури за 80%. Променливото и топло врме има влијание на причината за зголемен број на мозочни удари, укажуваат докторите.
Нестабилното време, температурните разлики, односно покачувањето на температурите над просекот за овој период од годината, има сериозно влијание врз здравјето на луѓето. Тоа го потврдуваат и охридските лекари кои последниве два месеци кажуваат дека имаат полни раце работа. Притисок, срце, главоболка, премаленост се најчестите симптоми на кои се жалат граѓаните поради разликата во температурите нагласува д-р Горан Симјаноски, раководителот на итната медицинска помош.
„Во последниот период бројот на повиците кои што се однесуваат за мозочни инциденти е зголемен за 70 до 80% во нашата служба. Под мозочни инциденти подразбираме од мозочни удари, дали се тоа исхемични или хеморалгични, па преку транзиторни исхемични атак и тоа се времени промени кои што даваат одредени невролошки испади и најчесто траат од час до два“ – вели д-р Симјаноски.
Доктор Лилјана Ангелеска интернист од ЈЗУ Општа болница, појасни како доаѓа до мозочен удар. Додаде дека симптомите се различни и најчесто започнуваат со главоболка, заматување на видот, губење на осет или од лева или од десна страна, губење на симетрија на лицето, рамнотежа, промени во говорот и сл.
„Поради покачен крвен притисок настанува стеснување на крвните садови и како резултат се покачува крвниот притисок а тоа мозокот не може да го издржи и настанува инсулт. Инсултот, односно мозочниот удар не може да помине а да не знаеме, единствено може да помине некоја транзиторна исхемична атака меѓутоа и тогаш дел од пациентите тоа ќе го осетат со трпки по рака, на нога отежнат говор, значи сепак мора да се јавата на нервно одделение“– изјави д-р Ангелеска.
Возрасната граница за кардиоваскуларните заболувања, кои се причина број еден за смртност на светско ниво, се намалува и таа се движи од 40- 60 годишна возраст. Лекарите препорачуваат хронично болните редовно да ги примаат пропишаните терапии и да избегнуваат нагли температурни промени, а во попладневните часови да не бидат изложени на сонце.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град