• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Зголемен број на туристи во градов во јуни, резултатите од остатокот од сезоната допрва ќе се сумираат

Зголемен број на туристи во градов во јуни, резултатите од остатокот од сезоната допрва ќе се сумираат

Ваквиот тренд според Секторот за туризам и локален економски развој, ќе биде забележан и во месеците јули и август. Ова според Ѓоко Апостолов, е нивна лична проценка бидејќи сеуште нема официјални податоци кои тоа ќе го потврдат.

 |  Мишел Наумоски  | 

Охрид годинава со зголемен број на туристи и остварени ноќевања во првиот месец од летната туристичка сезона. Ова го говорат официјалните податоци за бројот на регистрирани туристи и остварени ноќевања објавени од Државниот завод за статистика. Во јуни годинава, Охрид го посетиле 21.772 туристи, а биле остварени вкупно 62.040 ноќевања. Во истиот период лани, биле регистрирани 19.519 туристи, и остварени биле 56.363 ноќевања. Овие бројки се причина за оптимизам кај Секторот за туризам и локален економски развој, бидејќи според нив, токму за месец јуни го очекувале најголемиот број на откажувања на аранжманите поради настаните кои се случуваа во кумановско во тој период. Според Ѓоко Апостолов, овој тренд на зголемување би требало да биде забележан и во наредниот период.

turisti ohrid„Самата ситуација на терен која што бевме сведоци и ја гледавме во изминатиов период, Охрид беше преполн со туристи, хотелите беа исполнети речиси до последното место, приватните станоиздавачи исто така покажаа во одреден период прилично голем процент на исполнетост, но повторно ќе кажам, ние можеме овие да ги гледаме како лични согледувања, ќе почекаме до излегување на официјалните статистички показатели за да ги потврдиме оние очекувања кои што во моментов ги имаме додека ќе потврдам за месец јуни имаме позитивен тренд на раст и на број на ноќевања и на број на посетители на Охрид.“-вели Апостолов.

Уште една летна туристичка сезона, надлежните успешноста на истата ја базираат врз основа на податоците кои ги добиваат од Државниот завод за статистика и Општинскиот инспекторат задолжен за обезбедување на податоците за уплатена туристичка такса. Според Апостолов, иако не е точен, овој показател сепак е релевантен, бидејќи туристичките работници кои годинава ги пријавиле своите гости, според него, истото го направиле и лани, а ќе го направат и наредната година.

Apostolov TLER„Сметам дека можеби во иднина ќе се создадат услови за воведување на некои други методологии и од други релевантни институции кои што ќе можат поточно да ги измерат односно регистрираат бројот на ноќевањата и бројот на гостите, а во тој случај, Охрид ќе скокне за неколку места сигурно во однос на бројот на остварени ноќевања и туристи, а следствено на тоа треба да се очекува и зголемен приход од потрошени средства од страна на туристите, меѓутоа во овој момент немаме таков механизам кој што би можел точно да ги одреди, таков механизам не постои ниту во другите држави, можеби е малку посовремен и опфаќа малку повеќе показатели, но прецизната бројка, не верувам дека никаде во светот може да биде добиена.“-вели Апостолов.

Статистичките податоци со кои располага Државниот завод за статистика говорат и во насока на тврдењата на локалната самоуправа дека годинешната летна туристичка сезона е најуспешната во изминатите десет години. Според заводот, во јуни 2005та Охрид го посетиле вкупно 13.209 гости, а биле остварени вкупно 35.816 ноќевања. Сепак недостасува податокот колкав приход им донеле овие туристи на туристичките работници од градов како би можела да се заокружи целосно сликата за успешноста на секоја досегашна и идна летна туристичка сезона во Охрид.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top