Искуствата ќе ги влечат на конференцијата за научени лекции од операциите на Евроатлантскиот центар за одговор во кризи.
И земјите членки, и партнерите на НАТО пактот ќе учат како да преземаат координирани акции и заеднички да се справуваат со природните катастрофи. Научените лекции од акциите организирани од Евроатлантскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО, се базата од која сите земји, вклучително и нашата ќе влечат искуства за тоа како најефективно да придонесат во справување со природните катастрофи. Според министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, Балканот не е имун на ваквите ситуации. Тој потенцираше дека Македонија има со што да се пофали од аспект на учество во справување со вакви катастрофи во соседството, пред се во примерот со справувањето со поплавите во соседна Албанија.
„Имајќи предвид дека ниедна од земјите од регионот без оглед дали се членки на НАТО или не, немаат достатни капацитети и способности сами да се справуваат со тие ситуации, впрочем ние во летниот период си имаме ситуации да се справуваме со пожари во кои што ситуации се покажало и докажало дека не сме сами за себе способни целосно да се справиме со тие ситуации и во тој контекст, сметаме дека е од особено значење соработката, регионална и пошироко во ангажирањето на капацитетите во случај да се случи таква катастрофа, а што е најважно, а што сите треба да имаме во предвид, дека превенирањето на можните случувања е од најголема корист.“-вели министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери.
Помошник генералниот секретар за операции, амбасадорот Стивен Еванс, вели дека во агендата на НАТО пактот е длабоко вградена идејата за координиран настап и координирани одговори во случаи на криза. Еванс потенцира дека фокусирањето кон стекнатите искуства е подеднакво важнмо и за НАТО пактот и за неговите партнери.
„Ако сите ние ги научиме истите лекции, тогаш тоа по самата дефиниција ќе ја зголеми нашата способност да работиме заедно и поефективно да се справуваме со предизвиците од заедничкото работење. Во текот на оваа конференција ќе разгледуваме конкретни лекции кои може да ги научиме од нашето искуство во одговор при катастрофи во изминативе десет години, но исто така ќе ја разгледуваме и целата методологија на учење од искуствата и нивна употреба за рафинирање, зајакнување и подобрување на нашите работни и оперативни практики.“-рече помошникот генерален секретар за операции на НАТО, Стивен Еванс.
Инаку, конференцијата ќе трае во наредните два дена, а целта е да се споделат досегашните искуства и научените лекции како и новите предизвици во справувањето со кризите од невоена природа.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град