Конечно започнаа градежните работи за изградба на современата автобуска станица. Деновиве е издадено правосилно одобрение за градба на автобуски терминал. Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека инвеститорот има рок од четири години да ја изгради автобуската, но дека тој е сигурен оти работите ќе бидат завршени и пред тој рок.
Започнаа градежни работи на местото каде треба да се изгради како што беше најавено најсовремената автобуска станица во Македонија. Автобуската требаше да почне да се гради уште пролетта но инвеститорот немаше добиено одобрение за градба. Грдаоначалникот Никола Бакрачески обелодени дека одобрението е веќе издадено и дека може да се работи на терен.
Деновиве е издадено правосилно одобрение за градба на автобуски терминал со компатибилни класи на намени. Со издавањето на овој документ се исполнуваат сите потребни услови за отпочнување со изградба. Согласно одредбите од договорот и одобрението за градба рокот за изградба на Автобуската станица е четири години, за кој период Охрид конечно ќе добие современа автобуска станица, достојна за еден туристички центар, информира градоначалникот.
Со изградбата на модерната автобуска станица која му недостигаше на Охрид ќе заживее овој дел од градот и ќе се поправи првиот впечаток на туристите кои доаѓаат во Охрид, рече градоначалникот Никола Бакрачески. Во изградбата ќе бидат ангажирани локални компании, а во новата автобуска станица и придружните објекти ќе се креираат и нови работни места со што ќе заживее локалната економија, додаде тој. Инаку,градежната парцела со вкупна површина од околу 12.000 метри квадратни каде што треба да се гради новата современа автобуска станица. „Делфина Турс“ ја купи на јавна аукција за вкупно 41 833 540 денари, од кои 80% отидоа на сметка на општината, а 20% на сметка на Министерството за транспорт и врски.
Објектот е предвидено да има приземје плус четири ката и поткровје и други придружни објекти. На потегот опфатен со улиците 15 Корпус и Кленоец предвидена е инфраструктурна градба за комерцијални и деловни намени. Според деталниот урбанистички план, 70% од површината на идниот објект ќе биде наменета за автобускиот терминал, додека 30% се предвидени за компатибилни класи на намена. Вкупната површина на охридската автобуска станица ќе изнесува 58.367 метри квадратни. Објектот ќе има 6 катови, или П+4+Пк со максимално дозволена висина до венец од 17 метри. Одлуката за изградба на автобуска станица по пат на отуѓување на градежно земјиште ја донесе мнозинството во градскиот совет на седница одржана во октомври минатата година.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град