Започнува петтото издание на Фестивалот за процесирање култура „Дримон“. На ова културно збиднување кое ќе трае пет дена ќе има дваесетина настани, а ќе настапат над 40 учесници. Тимот на Иницијативата за независен културен активизам – ИНКА во изминативе неколку месеци интензивно работеше за да направи програма по вкусот на сите.
Под мото „Градиме нови генерации“ денес во Струга започнува петтото издание на Фестивалот за процесирање култура „Дримон“. На ова културно збиднување кое ќе трае пет дена ќе има дваесетина настани во и околу Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а ќе настапат над 40 учесници.
На фестивалот публиката ќе гледа внимателно одбрана уметничка програма со театарски претстави, изложби, филмови, музика, работилници, дискусии, изградени во соработка со многу имиња и организации, значајни за македонската независна социокултурна сцена. Тимот на Иницијативата за независен културен активизам – ИНКА во изминативе неколку месеци интензивно работеше за да направи програма по вкусот на сите.
Намерно го поставивме фестивалот да се случува последната недела од јули земајќи го во предвид дека тогаш е најголемата гужва и во градот има многу гости и апсолутно со овие настани ја збогатуваме културната програма во Струга. Веќе пет години многу млади се навикнаа да бидат со нас, многу од нив растеа заедно со фестивалот па сега се дел од тимот кој го организира па се покажа дека овој фестивал многу добро влијае на околината и на заедницата, вели Кристина Тодороска Петреска- организатор на фестивалот Дримон.
И оваа година „Дримон“ останува ангажиран, солидаризиран со граѓанските каузи и избра актуелни теми со кои нашето општество мора итно да се справува. Публиката на фестивалот ќе има можност да учествува на дискусии за загадувањето од струшката депонија, за пристапноста и способноста на институциите и општеството за лицата со посебни потреби, за клиентелизмот во медиумите, како и за учеството на жената во социокултурниот живот.
Нашиот фестивал е општествено одговорен и е активистички фестивал. Покрај уметничката програма многу ни е важно да ги актуелизираме темите кои се актуелни и важни за општествениот живот бидејќи културата без искултивирана средина е ништо, вели Петреска.
Меѓу генералните вертикали што се испреплетуваат во петдневната програма е темата за афирмација на жената како автор, творец, идеен носител на општествените промени, одразени преку специјалната фестивалска селекција „За женски каузи“ поддржани од страна на „Цивика мобилитас“, како и фестивалска селекција „Мрдни со прст за справување со отпадот“, која е застапување за совесно справување со отпадот и загадувањето преку предлагање зелени идеи. Тимот на „Дримон“ застанува и зад не помалку важните граѓански права – право на пристапност и правото на фер информирање.
Петтото издание на „Дримон“ е поддржано преку ад хок грант на програмата „Цивика мобилитас“, со кој се финансира селекцијата на жени авторки и „Мрдни со прст“, кои заедно со волонтерски ангажман на заедницата ја помагаат инфраструктурата на зелената зона. НУЦК „Браќа Миладиновци“ е копродуцентски партнер.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град