Започна отстранување на урбаната опрема и монтажни објекти на охридското крајбрежје

Започна акцијата за отстранување потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници од крајбрежјето на Охридското Езеро. Денеска се отстрануваше урбана опрема на потегот од „Горица 3“ до Заводот за кардиоваскуларни заболувања Св Стефан.  Активностите се согласно владината уредба за враќање на плажите во првобитна состојба со цел вoведување ред на крајбрежјето по препораките на УНЕСКО.

 |   | 

Со отстранување на шанкови и монтажни објекти утрово започна најавената акција за вoведување ред на крајбрежјето на Охридското езеро, согласно владината уредба за враќање на плажите во првобитна состојба и препораките на УНЕСКО.
Од општина Охрид  информираа дека активностите започнале со отстранување  урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план, лоцирани на крајбрежјето на потегот од „Горица 3“ до ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во населбата „Свети Стефан“.

По завршувањето на активностите за отстранување на овој потег од крајбрежјето, ќе се пристапи кон отстранување и на останатите објекти, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници, кои исто така се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во КП 1/1 Охридско Езеро, најавуваат од општина Охрид.

Од таму додаваат дека објектите кои се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план ќе бидат решавани со изготвување на Урбанистичко-планска документација за крајбрежје, согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Владата на 9ти јуни ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп, која предвидува сите концесионери чии договори се истечени или раскинати задолжително треба да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба. Во владината уредба дополнета на седницата на 10 јуни е наведено дека надозорот над вршењето на дејноста ќе го прават Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат.

Министерот без ресор и претседател на националната комисија за  УНЕСКО , Едмонд Адеми изјави дека плажите на охридско струшкото крајбрежје мора да се вратат во првобитна состојба. Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески ја поздрави владината уредба а струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се изјасна категорично против.

Поранешни концесионери кои вршат угостителска дејност на плажите побараа Владата да ја преиспита и коригира донесената одлука, дел пред Уставен ја оспорија законитоста на владината уредба, донесена во услови на вонредна состојба.

Договорите за закуп на плажите на крајбрежјето на Охридското езеро, се истечени во 2014 и 2016 година. Минатата година државата најави преземање на плажите поради неможноста општините Охрид и Струга да воведат ред и контрола на нив.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top