Започна изградбата на современиот автобуски терминал

Започна изградбата на современиот автобуски терминал во Охрид. Со тоа започнува ерата на реализација на ветените капитални објекти во градот, истакна градоначалнико Никола Бакрачески. Од транспортната компанија „Делфина Турс“истакнаа дека нивната цел е да станат регионален центар за одвивање на патничкиот сообраќај.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Денес беше означен почетокот на градежните активности за изградба на новата автобуска станица во Охрид. Со тоа ќе се реши долгогодишниот проблем на жителите на градот и бројните туристи, кои автобускиот превоз досега го чекаа на обична асфалтирана површина во несоодветни услови, истакна градоначалникот Никола Бакрачески. Тој додаде дека компаниите кои придонесуваат за развој на локалната економија во градот и создаваат услови за креирање на нови работни места се добредојдени, бидејќи ја исполнуваат стратешката определба на општина Охрид.

„Од овде ја започнуваме ерата на реализација на ветените капитални инвестиции во Охрид. Од овде набрзо за многу кратко време ќе се преселиме на друга локација каде што ќе го одбележиме почетокот на втората капитална инвестиција во Охрид. Ве уверувам дека во периодот што следи од неколку месеци ваквите настани на свечено започнување со работа на капиталните инвестиции ќе бидат секојдневие во Охрид“.

Сопственикот на транспортната компанија „Делфина турс“ Аднан Исмаил, рече дека нивната цел била да станат регионален центар за одвивање на патничкиот сообраќај. Додаде дека во текот на изградбата на овој репрезентативен објект за градот ќе бидат добри домаќини и ќе дадат се од себе за беспрекорно функционирање на домашниот и меѓународниот сообраќај.

„Со почетокот на реализација на градежните работи кои ќе се реализираат во неколку фази според однапред договорена и утврдена динамика конечно Охрид ќе добие современа автобуска станица. Почнуваме со најважниот дел, перонскиот за да може од месец април непречено да се одвива автобускиот сообраќај во нови современи услови потоа следува изградба на следниот комплекс во кој ќе има многу содржини неопходни за конфорен престој на патниците“.

Договорот за изградба на автобуската станица меѓу општина Охрид и компанијата „Делфина турс“ од Скопје беше потпишан на 6 мај 2015 година. Согласно договорот сопственикот на локацијата во период од две до четири години треба комплетно да го реализира проектот, односно да ја изгради автобуската станица и да ја стави во функција.

Современиот автобуски терминал ќе опфаќа површина од 12 000 метри квадратни, со изградена површина од 7000 метри квадратни, каде покрај автобуска станица ќе има и современ трговски центар, бензиска пумпа и други компатибилни содржини предвидени со ДУП за ова место. Објектот е предвидено да има приземје, четири ката и поткровје.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top