Започна едриличарската регата „Охрид 2017“

Едриличарска регата „Охрид 2017“ во организација на Јахтинг клубот Акватика од Охрид. На неа учествуваат петнаесет екипажи од Македонија и Србија кои ќе се натпреваруваат во три категории. Организаторите истакнаа дека се надеваат дека овој настан ќе стане традиционален и дека ќе има повеќе вакви регати, а не само една во текот на летниот период. 

 |  Јаковлева Лионела  | 

Едрилиците, белиот украс на езерото денес ја разубавија неговата шир. Утрово започна едриличарската регата „Охрид 2017“ во организација на Јахтинг клубот Акватика од Охрид. Ова е прва регата која ја организира овој клуб и на неа учествуваат петнаесет екипажи од Македонија и Србија кои ќе се натпреваруваат во три категории.

За прв пат ние организираме ваква едриличарска регата за големи едрилици (минитонци, микротонци и крузери). Се надеваме дека овој настан ќе стане традиционален во Охрид и ќе има повеќе вакви регати, а не само една во текот на летниот период. Временските условите се поволни, имаме ветар и се е на наша страна на почетокот од регатата, рече Стефан Ставрески од Јахтинг клубот Акватика.

Локалната самоуправа со логистика ја помогна организација на оваа регата. Од таму велат дека секогаш со задоволство ги поддржуваат сите спортски манифестации кои придонесуваат за афирмација на градот.

Општината Охрид предводена од градоначалникот Никола Бакрачески активно учествува од логистика до помош за одржување на настанот. Општината и во иднина ќе ги поддржува ваквите манифестации кои претставуваат заштитен знак и препознатлив белег на Охрид, потенцираше Ангел Јанев заменик градоначалник на Општината Охрид.

За безбедноста на едриличарите на регатата се погрижи Капетанијата на пристаништата во Охрид.

Секогаш Капетанијата на пристаништата во Охрид кога има спортски манифестации сама истапува како логистичка поддршка, односно за одржување на безбедност на натпреварувачите. Сакам да ја поздравам и поддржам идејата за едриличарската регата и во иднина да имаме повеќе натпреварувачи од сите земји на Балканот, рече првиот човек на Капетанијата на пристаништата во Охрид, Горан Устијаноски.

Стартот и целта на регатата е на Градското пристаниште, а едрилиците продефилираа по плажите Парк и Куба Либре. Едриличарската регата ќе трае два дена, а прогласувањето на победниците е в недела со почеток во 18 часот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top