Автохтони семиња од градинарски култури како домат, граор, босилок, тиква, пепун, и друго како и ретки диви видови растенија како Бертолониева жалфија, флорентинско јаболко, киселец од регионот на Белчишко блато ќе се конзервираат, испитуваат и размножуваат во Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Целта е повторно да се заживеат и да се садат во градините локални сорти кои се се поретки и ги има само во колекции семиња зачувани од баби и дедовци во селата.
Збирка од 58 примероци од семиња од стари автохтони сорти земјоделски култури и од ретки диви растителни видови со потекло од регионот на Белчишко Блато предадена на Факултетот за земјоделски науки и храна, Скопје. Семињата биле собирани во текот на 2020 и 2021 г. од страна на Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид во соработка со експертот за ботаника проф. д-р Сузана Јордановска. Проектниот тим составен од Ѓоко Зороски и Гоце Колевски склучи договор со факултетот за земјоделски науки за чување на семето во соодветни услови за долгорочна конзервација.
При нашето истражување, за среќа во регионот на Дебрца наидовме на колку толку зачувани колекции на семиња. Тоа се стари колекции зачувани од дедовци и баби. Тоа е значајно затоа што тие семиња се аманет од нашите предци да го зачуваме она што е автентично, автохтоно. Всушност тоа се сорти од разни земјоделски култури кои не бараат голем број или воопшто не бараат хемиски третмани и се многу подобри за конзумирање отколку увозните култури кои не потекнуваат од нашиот регион – вели Ѓоко Зороски, здружение „Екотуризам 2016“ – Охрид.
Покрај семиња од локални сорти на грав, пиперка, домат, граор, босилок, тиква, пченка, пченица, морков, лук, пепун, праз збирката содржи и ретки диви видови како Бертолониева жалфија, флорентинско јаболко, киселец, острика, класатка и др. Семето и податоците ќе бидат достапни за користење од домашни и странски институции за научни цели и може да се дадат на чување во друга меѓународна ген-банка.
Една од целите на нашиот проект е да ги заштитиме од исчезнување нашите домашни сорти и крајна цел е всушност Факултетот или било кој друг овие сорти да ги засади и повторно да ги возобнови односно заживее и понатаму оние кои што ќе сакаат да си ги одгледуваат да добијат семиња и да бидат повторно тие сорти присутни во нашите градини. Значи сите оние подзаборавени сорти кои некогаш се користеле во изобилие, денеска сакаме да ја всадиме таа свест кај нашите земјоделци и постепено да ги вратиме тие наши традиционални сорти кои можат да имаат широка примена во исхраната и да ги заменат оние увозни култури кои доста често се третирани со пестициди и доста често се враќаат од самите гранични премини – вели Зороски.
Активноста е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна во јуни 2020 г. и ќе трае до 31 мај 2022 г. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото.
Проектот е финансиран од Критичниот еколошки партнерски фонд (CEPF).
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град