Добрата идеја, посветеноста, образованието доколку добро се искомбинираат може да ви донесат успех дури и во гиганти како Google и Microsoft.
Континуирана работа, вложување во себеси, искрен пристап во работата и соништата може да се исполнат. Кој тоа подобро да го знае од Благој Трајкоски, македонец кој веќе две години работи во компанијата од соништата на секој кој се занимава со информатички технологии. Тој вели дека познат е начинот на кој Google ги третира своите вработени и според него тоа навистина предизвикува позитивна промена кај секој човек. Според Трајкоски, светот на информатичките технологии е отворен буквално за сите и во него сите може да успеат без разлика од каде доаѓаат.
„Би рекол дека не треба да се оптоваруваме дека ние сме македонци, дека доаѓаме од мала земја. Ние сме луѓе како и сите други, со свои таленти, треба да се фокусираме на нив и треба да вложуваме во нашите таленти. Успехот ќе си дојде. Јас лично не очекував, ниту планирав, ниту имав зацртана цел дека ќе бидам дел од Google, меѓутоа шансата излезе и јас со драго срце ја прифатив, и сега максимално работам на неа.“-вели Благој Трајкоски, инженер за транспортни мрежи во Google.
Уште еден гигант од информатичките технологии, Microsoft спроведува бројни програми кои во добар дел се и бесплатни за сите оние кои сакаат да се надоградуваат и да стекнуваат нови технолошки знаења. Нина Шиндија, која работи на студентски и стартап програми во Microsoft, вели дека за разлика од студентите од западна Европа, студентите од овој регион се малку поскептични кога нешто ќе им понудите бесплатно. Шиндија потенцира дека се што ви се нуди како надоградба едноставно мора да го прифатите бидејќи тоа значи многу во светот на технологијата.
„Ако зборуваме за студентски стартап компании тогаш најважно е образованието, затоа што имањето на идеја, а не знаењето како да се имплементира истата или да се креира бизнис план или да се пронајдат инвеститори, тоа се проблеми и за големи професионални стартап компании, за студентите е полесно бидејќи ги образовате и им давате добра почетна точка во креирање на нивниот стартап, нивниот проект. Во Microsoft имаме и такви програми, во зависност од земјите, ако ја немаме програмата во одредена држава таму обезбедуваме бизнис акцелератори, инкубатори кои ги поддржуваат во рамки на тие иницијативи.“-рече Нина Шиндија која работи на студентски и стартап програми во Microsoft.
Инаку и Благој и Нина ќе го споделуваат своето знаење и искуство кое го носат работејќи во овие светски познати имиња од информатичките технологии во рамки на четвртото по ред издание на Codefest маратонот во програмирање кој годинава трае три дена и освен самиот маратон во себе вклучува и конференции и бизнис експо настан на кои млади компании може да ја презентираат својата работа.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град