Војната во Украина ќе се одрази и врз туризмот во Охрид

Војната во Украина ќе ја продлабочи економската криза и директно ќе се одрази врз туризмот во охридско-струшкиот регион. Изминативе две години Охрид го посетуваа голем број туристи од Украина, доколку продолжи војната ќе се намали бројот на туристи, но и нивната куповна моќ.

 |   | 

Воената состојба во Украина ќе ја продлабочи глобалната економска и енергетска криза, а како последица на тоа и туризмот ќе претрпи огромни штети, сметаат туристичките работници од охридско-струшкиот регион.

Според нив воената криза во Украина ќе се одрази и кај нас, не само по бројот на туристи туку и врз нивната куповна моќ.

Ќе се одрази кај нас, не само по бројот на туристи кои би дошле туку тоа влијае врз поскапувањето на енергенсите, поскапува се, цените не можеме да ги задржиме, а со тоа се намалува моќта на секој турист од било која држава да потроши и да направи одмор од 15- 20 дена. Во ваква состојба ќе направи одмор од 5 дена. Се намалува куповната моќ кај народот, се се плаќа многу повеќе, два до три пати повеќе од реалната цена и ќе биде многу тешко за нас да направиме цени со кои би можеле да сме атрактивни и да направиме обрт и да плаќаме плати и скапа струја и скапи производи. Секако производот ќе биде многу поскап во однос на минатите години – вели претседателот на Хотелската асоцијација ХОТАМ, Крсте Блажески.

Украинските туристи пред кризата имаа голем интерес за летување на брегот на Охридското езеро, сега неизвесноста е голема, велат од Здружението на туристички водичи.

Најголем дел од туристичките водичи и јас изминатите две сезони воглавно Украинците беа клиентела која што беше присутна во Охрид. Доаѓаа директно во договор со локални туроператори, но и преку туристички агенции од регионот, од Албанија која важи за летна туристичка дестинација која што успеа да привлечи голем број на клиентела од Полска, Холандија но и од Украина. Да се надеваме дека состојбата нема да ескалира и за брзо ќе дојде до примирје и ќе се затиши оваа состојба. Доколку состојбата ескалира верувајте последиците би биле незамисливи. Иако се наоѓаме многу далеку ќе бидеме директно погодени и едноставно ќе се соочиме со дополнителни загуби – вели Наумов.

Туристичките работници стравуваат од раст на инфлацијата оти, како што велат, Македонија не е подготвена да се справи со дополнителна криза.

Ние ќе се соочиме со еден голем проблем, инфлацијата ќе биде на многу повисоко ниво од колку е моментално. Сега имаме енергетска криза, но замислете тоа компарирано со воена криза, тоа се две различни работи. Во војна се е дозволено и тука ќе почнат да функционираат и воените профитери, ќе има недостаток на намирници значи и самата држава нема да може да го најде крајот на оваа состојба, а моментално Македонија не е подготвена за дополнителна политичка ескалација односно да има војна, колку и да е далеку ако сме ги имале тие туристи кои доаѓале сепак било блиску – сметаат туристичките работници.

Доколку има потреба хотелиерите на брегот на Охридското езеро се подготвени да ги отварат вратите за бегалците од Украина.

 

 

Новинар Соња Рилковска

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top