Охриѓани и стружани пијат исправна вода од градскиот водовод, додека пак, Билјанините Извори загадени. Денес директорот на МЈП Проаква Томе Паскалоски одржа прес конференција на која се осврна на сите проблеми и нејаснотии кои што се јавија деновиве околу исправноста на водата за пиење во охридско – струшкиот регион.
Водата за пиење од градскиот водовод во охридското поднебје е исправна, истата редовно се хлорира и се вршат сите потребни анализи, тврди првиот човек на МЈП Проаква Р.Е. Водовод Охрид Томе Паскалоски.
„Согласно правилникот за исправност на водата од 2008 год, значи Центарот за Јавно Здравје врши секојдневни анализи, вршат нашите вработени, анализи кои не се валидни пред другите органи, паралелно се врши контрола од Центарот за јавно здравје и два пати годишно се врши од републичкиот Центар за јавно здравје, водата е исправна на сите избирачки места со сите мостри што се земени по случаен избор од различни локации на градот Охрид“ – нагласи Паскалоски.
Водата од Билјанини Извори во моментов не е за пиење, вели Паскалоски. Тој појаснува дека таа вода периодично е неисправна, бидејќи доаѓа од извор кој е од отворен тип. Дел од неа користи Водовод Охрид, која оди во пумпната станица каде се третира и е исправна за пиење, дел оди за одржување на рибниот фонд во Хидробиолошкиот завод и дел е преливот што истекува, кој не може да се хлорира заради рибниот фонд, додава Паскалоски. Директорот не можеше со прецизност да каже кои се причините за периодичната неисправност на водата во Билјанините Извори.
„Не можам да ви одговорам сега, таму со години наназад ситуацијата е иста можеби 30, 50 години наназад, во дадени периоди е неисправна во дадени е исправна. Тоа можеби се должи на дренирање на некои води кои од бачилата кои се на потегот над Хидробиолошки Завод и натака имаше разни анализи и тумачења, меѓутоа тоа треба експертите да го кажат и во моментов од тие причини ние ја поставивме таблата дека водата не е за пиење“- вели директорот.
Паскалоски одговорно тврди дека ЈП редовно ги добива анализите за квалитетот на водата во градскиот водовод и дека истата секојдневно се контролира.
За актуелната состојба со исправноста на водата за пиење во градскиот водовод во Струга, Паскалоски ги демантираше наводите на Центарот за јавно здравје дека истата не е за пиење.
„Она што јас го имам како сознание од новиот директор, водоснабдувањето во Струга она што е надлежност на Водовод Струга и сите населени места кои се водоснабдуваат од градскиот водовод Струга водата за пиење е исправна. Не беше исправна во Октиси и Франгово каде што не стопанисува Водовод Струга, тоа е исто на локалното население на МЗ дадено на стопанисување и има проблеми слични како и овде што има во некои села “ – изјави Паскалоски.
Директорот појасни дека проблемот кој се јавува во селските водоводи, со кои не стопанисува јавното претпријатие се јавува поради тоа што Месните заедници не сакале ЈП Водовод да стопанисува со нивните водоводи за да може населението и понатаму да ја користи водата без надомест и контрола за наводнување на земјоделските површини. Но како што вели Паскалоски, и покрај тоа, им помагале на месните заедници во санирањето на неисправните пумпи за хлорирање и дека такви интервенции во изминатиот период биле направени во повеќе охридски села. Неодамна била остварена и средба со претставници од месните заеници на која се разговарало за проблемот со одржување на локалните водоводи, но засега не постоел правен механизам со кој одговорните во селата, во случајов месните заедници, ќе се задолжат да водат поголема грижа, односно редовно да вршат хлорирање на селските водоводи и да го евидентираат тоа.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град