Водата за пиење во охридскиот, струшкиот и дебарскиот водовод матна, но безбедна. Водата пак во Охридското езеро, некаде од прва и втора, а некаде дури од четврта и петта класа.
Центарот за јавно здравје самоиницијативно го испита квалитетот на водата во Охридското езеро, но и квалитетот на водите во охридскиот, струшкиот и дебарскиот водовод. Причина за тоа е поголемиот дотек на вода во Охридското езеро изминативе три месеци кој предизвика повеќе проблеми и во колекторскиот систем и на охридското крајбрежје.
Центарот за јавно здравје примероците вода од Охридското езеро ги зел од повеќе локации кои ги сметале за покритични. Еден примерок бил земен кај пумпната станица Метропол од каде градот се снабдува со вода за пиење, еден примерок бил земен пред ресторанот Ројал, и уште по еден примерок биле земени од кај Грашница и кај пумпната станица во Подмоље.
„Констатирано е дека на овој источен дел кај Метропол и кај Ројал нема поголеми отстапувања во квалитетот на водата. Водата е од прва и втора класа, но во делот кај Грашница и кај Подмоље, квалитетот на водата во Охридското езеро во крајбрежниот дел е со 4та и 5та класа. Пронајдени се и констатирани поголеми количества на амонијак и нитрити во крајбрежниот дел и на едното и на другото место.“-вели д-р Сашо Точков, специјалист за санитарна хемија и бромолог при Центарот за јавно здравје-Охрид.
Според д-р Точков, лошиот квалитет на водата на овие две локации, се должи на континуираното влевање на фекални отпадни води од колекторските цевки предизвикано од високиот водостој и обилните врнежи во изминатиот период. Покрај квалитетот на водата во Охридското езеро, Центарот за јавно здравје го испитал и квалитетот на водата за пиење од охридскиот, струшкиот и дебарскиот водовод. Забележале одредени аномалии во вид на заматување на водата, особено во селските води.
„Како што се наоѓани овие примероци или вакви недостатоци, односно поголеми концентрации, алармирана е и Агенцијата за храна, така да не сме имале поголеми проблеми. Матноста може да доаѓа и од самата поголема количина на вода која навлегла во резерворарите во базените од кои се снабдуваме со вода за пиење, но сите други индикатори, и микробиолошки и хемиски покажале дека водата е здравствено безбедна и квалитетна за пиење.“-рече д-р Точков.
По повлекувањето на водите и намалувањето на водостојот во Охридското езеро, д-р Точков вели дека ќе се пристапи и кон вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација поради очекуваното зголемување на присутност на глодари и инсекти. Покрај споменатите испитувања, Центарот за јавно здравје ги испитал и јавните и приватни чешми со жива вода, кои во повеќе од 90% се покажале како безбедни, со одредени заматувања.
Инаку, од Центарот за јавно здравје уште информацијата дека нивната лабораторија за испитување на квалитетот на водите се акредитираше по стандардот 17025 со соодветно решение од Институтот за акредитација на Република Македонија.
Со ова, од Јануари месец, охридскиот регион доби акредитирана лабораторија за контрола и испитување на квалитетот на водите за пиење, површинските и сите видови на води.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град