Во стариот дел на градот по улиците утрово насекаде беше расфрлан смет

Граѓаните од стариот дел на градот реагираат бидејќи два дена не бил подигнат сметот. Тој наместо во камионот за отпад на ЈП комуналец се најде расфрлан по улиците и ја нагрди сликата за стар град пред туристите за време на празниците . Од „Комуналец“ објаснуваат дека имале технички дефект на возилото со кое се подига отпад во стариот дел на градот па поради тоа дошло до ваква ситуација.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во стариот дел на градот по улиците утрово насекаде беше расфрлан смет од домаќинствата. Мештаните уште вчера утрото го извадија сметот од своите домови за ЈП „Комуналец“ да го подигне како што е предвидено со програмата за подигање на отпад во која стои дека понеделник и четврток се  денови одредени за тоа, но камионот на „Комуналец“ не помина вчера. Сметот не беше подигнат ниту утрово па кучиња и мачки го разнесуваа по улицата.

Токму денес од ЈП „Комуналец“ не информираа дека имале мал технички дефект на едното возило и задоцнале да го подигнат отпадот. Сега е веќе подигнат сиот комунален отпад и стариот дел од градот е чист, вели Томе Џамтоски, портпаролот на Локланата самоуправа.

Џамтоски кажува дека екипите на ЈП „Комуналец“ засилено работеле за новогодишните празници и дека градот бил релативно чист. Но останува фактот дека овие два дена стариот дел воопшто не изгледаше репрезентативно, а речиси да нема гостин кој доаѓа во Охрид, а не го посетува Плаошник и Самоиловите тврдини. Покрај културно историските споменици можеа да видат кој што подготвувал за празниците, што јадел и колку смет направил. Ни престојат божикните празници. Дали и тогаш ќе се повтори ваквиот пропуст или ќе се научиме на грешките.

ЈП „Комуналец“ подготвено ќе одговори на сите предизвици кои ќе следат и во наредниот период. И метеоролошките прогнози се дека ќе имаме дожд и снег па ќе имаат дополнителна работа, но од таму велат дека располагаат и со кадар и со механизација да го подигаат сметот навреме, а и да се справат со снегот доколку го има. Од ЈП Комуналец ќе се залагаат за чист и убав Охрид, вели Џамтоски.

Граѓаните од стариот дел на градот се надеваат дека навистина нема повеќе да се повтори сликата од вчера и од утрово, а додаваат дека можеби добро треба да се разгледа нивната иницијатива за поставување на контејнер на некоја поблиска локација каде при вакви ситуации би можеле да го одлагаат сметот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top